Македонскиот преставник во јадранската АБА лига, МЗТ Скопје експресно ги демантираше информациите дека имало обид за линч на кошаркарите од Партизан. „Црно црните“ во неизвесна завршница со 70-69 го совладаа македонскиот првак и ги однесоа двата бодови од „жешкиот терен“.
„Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром ја демантира веста која се појави во неколку домашни медиуми, а која потоа беше превземена и од медиумите во соседството дека кошаркарите на КК Партизан од Белград биле на работ на линч по завршувањето на вечерашниот натпревар.
Во изолиран инцидент кој се случи 20-тина минути по завршувањето на мечот, еден домашен симпатизер успеа да дојде во вербален конфликт со гостински играч, по кој играчите на КК Партизан беа во обид за физичка пресметка со симпатизерот, меѓутоа со брза интервенција на редарската служба и полицијата се спречи било каков инцидент. При целата ситуација ниту еден член од составот на КК Партизан не беше во ситуација да биде удрен, а камоли линчуван.
Мечот помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Партизан и покрај преполната сала и присуството на двете навивачки групи можеме да кажеме дека помина во одлична организација без никаков инцидент за време на натпреварот, за што искажуваме голема благодарност до нашите верни навивачи, до полицијата и до редарската служба.
КК МЗТ Скопје Аеродром апелира до медиумите кои пласираат ваков вид на дезинформации, во иднина многу повнимателно да известуваат околу настапите на нашиот клуб, затоа што со пласирање на невистини и сензационалистички статии носат само штета на клубот и на државата воопшто“, стои во соопштението од МЗТ.
Мх.П.