Екипата на МЗТ Скопје со триумф ја отвори финалната серија со Работнички совладувајќи го градскиот ривал убедливо со 80-44 (14-20, 24-11, 19-9, 23-3) пред своите гледачи во СРЦ „Јане Сандански“.

Стартот од мечот и првите десет минути воопшто не наговестуваа распад систем на Работнички и најголем пораз во историјата на двата ривали. Работнички поведе со 20-14 и притисокот го префрли на страната од домаќините.

„Штрковите“ во вториот квартал ја стегнаа играта во одбрана и со релативно лесни поени во нападот го стопија водството на гостите и на одмор заминаа со плус седум поени (38-31).

Рапсодија во сино бели се случи во третата и четвртата четвртина. Домаќините играта во одбрана ја доведоа до совршенство, а нападот ги собираше плодовите. Во третиот период Работнички постигна девет поени, а во завршниот три и со таков развој на настаните дебаклот беше неизбежен.

Дамјан Стојановски со 17 поени беше најпрецизен кај домашниот тим, Андреј Магдевски постигна 13 поени додека Иве Иванов застана на 10 поени. Кај Работнички со 13 поени мечот го заврши Марјан Јанески, а еден помалку реализираше Бобан Стајиќ.

Следниот меч се игра на 11 јуни (вторник), а домаќин ќе биде тимот на Работнички во салата „Борис Трајковски“.