Министерството за животна средина и просторно планирање набавило нов сервер за собирање податоци од мерните станици за загадувањето на воздухот, информираше денеска на брифинг ресорниот министер Насер Нуредини.
Тој појасни дека деновиве се врши пренос на податоци од стариот на новиот сервер, посочувајќи дека сите податоци се зачувани и оти постојано ги имаат податоците од сите 21 мерна станица кои функционираат.
Зборувајќи за проблемот со загадувањето во земјава, Нуредини истакна дека со поддршка од Шведска и Универзитетот од Штип, е направено истражување кое покажува дека најголемото загадување доаѓа од биомасата, 35-45 проценти, потоа од возилата, трето од градежништвото, па од индустријата, што покажува дека загадувањето од тој извор е намалено.
Но, тоа не значи дека ние нема да продолжиме со инспекции. Во исто време сакам да кажам дека кога ние зборуваме за загадување од биомаса тука не се само домови, туку и државни објекти кои се греат на мазут или нафта. Заради тоа во Владата направивме стратегија да направиме измени на греење во училишта, градинки, полициски станици, болници итн. Сега слушнавме дека ќе има и програма за субвенција од Министерството за економија за соларни панели за греење и други вакви мерки, појасни Нуредини.
Министерот осврнувајќи се на критиките за буџетот за МЖСПП за наредна година, рече дека до пред да стане министер во тоа Министерството, буџетот изнесувал 350.000- 450.000 милиони денари, а сега достигнува до милијарда денари, но посочи дека тоа е е доволно и оти поради тоа Министерството зема заеми.
Осврнувајќи се на пречистителната станица што треба да се изгради во Скопје, рече дека очекуваат сите подготвителни процедури да бидат завршени во јануари.
OhridNews