Поставувањето на споменици на пристаништето пред хотелот „Палас“ што како идеја ја промовираше локалната самоуправа ќе ги наруши пејсажните вредности и функционалноста на објектот, смета Министерството за животна средиа.

„Во согласност со мислењата на Хидробиолошкиот завод, Националната комисија на УНЕСКО  и  Министерството за транспорт и врски јасен е одговорот дека таквото поставување ќе ги наруши пејсажните вредности посебно со габаритот, на двата плажни објекти на двете страни од мостот кои се, замислете во која ли функција, дел од овој проект“, се вели во писмената реакција на државниот секретар во министерството за животна средина, Дејан Паноски. Процесот на изградба на бетонски платформи , инсталации за врзување со системот за отпадни води и постамените воедно ќе создаде бариера во циркулацијата на водите. Настрана тоа што не е дозволено  да се вршат интервенции во водениот басен на Охридското Езеро, додава Паноски.

Според Паноски вакиот проект не е во согласност со урбанистичкиот план  на потегот Канео-Студенчишта. При ова објаснување не навлегуваме во религиозните моменти на проектот на кои има забелешки и од МПЦ и од Министерството за култура, вели Паноски. Мислењето со сите овие елементи му е добро познато на поднесувачот на проектот.Министерството за животна средина и просторно планирање мислењата ги издава исклучиво во согласност со законската регулатива и во консултација и почитување на препораките на  надлежни институции, се вели во писмената реакција на државниот секретар во Министерството за животна средина, Дејан Паноски.

Ohridnews