Во врска со најавените протести во општина Битола за 15 март во однос на локацијата за регионалната депонија во општина Новаци, Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека регионалната депонија е предвидено да биде изградена на девастирано/оштетено земјиште кое со ваквото искористување ќe даде бенефит и за населението и за животната средина.
Студијата за регионалниот систем е во согласност со Директивата на ЕУ 2014/52/ЕУ за оценување на ефектите на одредени јавни и приватни проекти врз животната средина и со македонското национално законодавство. На депонијата ќе завршува најмногу до 50 % од отпадот што се генерира од сите општините, бидејќи регионалниот систем предвидува примарна селекција на отпадот што може да се рецилкира и кој ќе заврши во инсталиции за преработка. Со изградбата на регионалната санитарна депонија ќе се создадат услови за добро и контролирано управување со отпадот, како решение на сегашните проблеми за животната средина и здравјето што произлегуваат од стотиците диви ѓубришта во Пелагонискиот регион и особено од штетното влијание на постоечката локација за отстранување на отпад во Мегленци која се користи од страна на општина Битола.
Инвестициската структура за воспоставување на овој основен заеднички систем за управување со отпад за Југозападен и Пелагониски изнесува 30.1 милиони евра, средства кои не можат општините во регионите сами да ги обезбедат.
Со овие средства ќе се финасира изградбата на регионалниот систем (регионалната депонија и претоварните станици (Дебар, Охрид и Прилеп), системи за складирање отпад, собирање кабаст отпад, затварање на нестандардната депонијата во Новаци (Мегленци); надзор над работатите за затворање на депонијата, изградба на нова депонија и изградба на трансфер станици и техничка помош. Исто така, со овој заем течат тендерски постапки за набавка на 83 возила за собирање на отпад, 54 908 канти од 120 литри и 1 164 контејнери од 1.1 м3. Дополнително ќе се набави и опрема за претоварните станици со 26 прес контејнери, 16 отворени контејнери, 8 камиони и 4 камиони за габаритен отпад. Владата донесе одлука за финасирање на нов пат кој ќе води до локацијата на регионалната депонија, кој нема да поминува низ општина Битола и општина Новаци.
Оттука, посочуваат, МЖСПП смета дека одлуката за протестите е неоснована бидејќи граѓаните на општина Битола не се запознаени доволно со овој проект и стои на располгање да се организираат дополнителни средби со граѓаните, каде заедно со меѓународните и домашните експерти ќе се презентираат придобивките од овој планиран систем за регионално управување со отпад.
Инаку, протестот на битолчани е за стопирање на изградбата на депонијата додека не се најде соодветна локација далеку од густо населена средина која би можела да се загади.
OhridNews