Министерството за животна средина и просторно планирање – МЖСП, во текот на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за УЕ 17 кој се однесува на комплексот „Билјанини извори“ каде што сега се наоѓаат бараките на „Гранит“ и „Трудбеник“, ќе побара објаснување од предлагачот (локалната самоуправа) која ќе биде намената на петте згради предвидени со овој план.

МЖСП издаде мислење за Нацрт ДУП за УЕ 17 кое кореспондира со Генералниот урбанистички план – ГУП,  кој што овозможува на тој простор да се изградат исклучиво капацитети поврзани со туризмот, односно хотели и ништо надвор од тоа, ни изјави Дејан Паноски, државен секретар во ова министерство. „На Нацрт планот беа прикажани и 5 објекти со висина ПЕ+4 и  МЖСП во натамошната фаза кога ќе дојде до изработка на урбанистички проект овие  проекти ќе ги разгледа и доколку се надвор од ГУП нема да ги одобри“, предупреди Паноски.

Просторот кај Билјанини извори е еден од ретките слободни простори кој како таков му е потребен на Охрид, и затоа МЖСП нема да дозволи на тој простор да се градат станбени објекти, вели Паноски. Според него формулацијата времени објекти за згради високи пет ката не е најадекватна и ќе мора да се побара дообјаснување од предлагачот, вели тој.

„Охрид заради се она што му се случуваше години наназад веќе е стеснет и урбанистички нарушен, така што во наредниот период ќе мора да се внимава на секој сантиметар слободна површина затоа што на Охрид таа му треба и секое натамошно нарушување на тој простор ќе создаде дополнителни проблеми“, оценува Паноски.


МЖСП ќе бара дополнително објаснување
на урбанистичкиот план за УЕ 17

Со Нацрт ДУП за УЕ 17 на просторот кај каналот Студенчишта предвидена е изградба на хотелски комплекс и пет објекти за времено живеење. Според планот тие ќе се градат во непосредна близина на стадионот „Билјанини извори“ поради што јавноста стравува дека и Охрид ќе добие таканаречен Кинески ѕид налик на скопскиот.

Локалната самоуправа ги отфрла таквите сомнежи како неосновани,  а од  Секторот за урбанизам,  објаснуваат дека „спорните“ објекти  не се згради за живеење,  туку угостителски објекти за времено домување од типот на пансиони и дека нивната изградба е во согласност со ГУП.

Нацрт ДУП за УЕ 17  неодамна во жестока расправа беше изгласан во советот, а деновиве во тек е јавниот увид на ова урбанистичко решение кој ќе трае до 22 октомври. До тогаш сите заинтересирани ќе можат да ги искажат своите забелешки кои ќе бидат земени во предвид при донесувањето на Деталниот урбанистички план.

Горан Момироски