Со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 досега сојот омикрон е детектиран само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија, соопшти вечерва Министерството за здравство, посочувајќи дека утврдување на присуство на сој на корона вирусот се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, додека ПЦР тестирањето може да биде само индикација, но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон на Ковид-19.
Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид-19 е детектиран S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите во изолација се ставени лицата со кои биле во контакт, се додава во соопштението.
Министерството за здравство воедно апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации, кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението.
Епидемиологот од Центарот за јавно здравје, Јованка Струлакова – Коровешоска претходно денеска информираше дека кај повозрасно лице од Струга, вакцинирано со две дози „Фајзер“, е потврден случај на омикрон сојот на Ковид-19.
Лицето во моментот е во изолација. ПЦР тест правеше пред една недела заради патување во странство. Во текот на скринингот излезе дека е позитивен на Ковид-19, а денеска добивме потврда дека се работи за новиот сој омикрон, изјави Струлакова-Коровешоска.
Таа посочи дека според анкетниот лист, лицето не знае од каде се заразило, а како контакти ги навел членовите од потесното семејство.
OhridNews