Министерството за здравство планира да набави 100 амбулантски возила кои ќе бидат распределени низ болниците во државата, изјави денеска во Куманово министерот за здравство Арбен Таравари. Посочи дека планот треба да помине на Влада и очекува наскоро да почне процедурата.
Модерните возила ќе се распределат низ болниците во државата, поголемите и онаму каде што има најголем недостаток. Инаку од 2014-та година, за жал, не се набавени возила мислам од Министерството за здравство. Има возила коишто ги набавиле на пример, самите болници или пак донации од општествено-одговорни компании, како што денеска е случајот со „Балкан Груп“, изјави Таравари.
Одговарајќи на новинарско прашање дека постои недостаток на кадри во болниците, доктори, средномедицински и технички персонал, рече дека во сите болници имаме недостаток на кадар, од Гевгелија до Гостивар, од Охрид до Куманово, од Велес до Штип, Кичево…
Знаете дека сме започнале, веќе 250 специјализанти се вработуваат, за средномедицинскиот кадар, тече постапката да се трансформираат работните места од договор во решенија. 1.800 вработувања за една година, никогаш не се случило во Македонија во здравствениот систем, рече Таравари.
OhridNews