За само два дена се случија три издвоени инциденти во кои  жртви на брутално насилство беа новинари, камермани и телевиски екипи.

Во завчерашните инциденти во Собранието колегата од А1 телевизија Лирим Дулови беше удрен од член на обезбедувањето на ДУИ, а екипа на Алсат М беше приведена и задржана во полиција  бидејќи снимала акција на полициските алфи. Подоцна е пуштена но без снимениот материјал.

Третиот и најтежок инцидент се случи вчера кај наплатната рампа Желино на автопатот Скопје – Тетово кога при вршење професионална дејност„алфите“ брутално го нападнаа и претепаа снимателот на Алсат Игор Љубовчески кој со тешки телесни повреди и пукнато ребро заврши на скопската клиника.

Инцидентите  најостро го осуди Здружението на новинари на Македонија(ЗНМ) кое побара преземање на мерки против службените лица и напаѓачите на новинарите, извинување од политичките партии и осуда на вандалските напади.

„Тепањето на новинарите и притворањето на снимателите се груб напад на демократијата и слободата на говорот“, се вели во протестот на ЗНМ, кое по нападот врз снимателот на Алсат побара МВР  веднаш да ги открие и објави имињата на сторителите и да ги соопшти санкциите што ќе бидат преземени против нив. Во спротивно целата политичка одговорност за овој немил настан ќе треба да ја понесе министерката за внатрешни работи, е ставот на ЗНМ.

По ова со соопштение во јавност се јави и министерката Јанкуловска:

Во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи најпрвин сакам да изразам осуда и жалење за инцидентот што денеска се случи на наплатната рампа Желино во кој што тешко беше повреден еден снимател на ТВ Алсат – се наведува во соопштението до јавноста, потпишано од министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

– Слободата на медиумите и нивната обврска да ја информираат јавноста и да бидат коректив на власта се еден од најважните темели на демократијата. Јас лично нема да дозволам ничија индивидуална постапка да ја засени извонредната соработка и довербата која што Министерството за внатрешни работи напорно ја градеше со претставниците на седмата сила, истакна таа.

Министерката уверува дека се работи за „изолиран инцидент, за недолично однесување и реакција која не смее и нема да мине неказнето’. Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, по службена должност ќе го испита нападот врз снимателот на Алсат, од каде очекуваме соработка за што е можно поитно расчистување на случајот, се наведува во соопштението.

– Верувам дека политизацијата на инцидентот никому не му оди во полза. Што е до нас ќе инсистираме на принципиелна истрага, пронаоѓање и санкционирање на виновниците, наведе министерката за внатрешни работи во соопштението.

Г.М.