На 05.09.2009 година во 10,30 часот во водите на Охридското езеро, наспроти АК„Елешец“, на околу 250 до 300 метри од брегот на длабочина од околу 6-7 метри, се случила бродска несреќа, во која потонал патничкиот брод „Илинден“ со група на туристи кои се превезувале од Охрид кон Свети Наум.


Според првичните сознанија од извршените разговори до несреќата дошло откако претходно се чул продорен звук, кој од страна на очевидците бил опишан како нешто да пукнало во внатрешноста на бродот. Од извршениот увид и подводното снимање од страна на нуркачките екипи утврдено е дека пукнала една од сајлите на бродот по што истиот изглегол вон контрола и се навалил во десно, а набргу потоа потонал.


Од страна на групата за интервенција од ПС за ОДГ „Езерска контрола“ веднаш е излезено на лице место, при што е укажана помош на лица кои биле во водата и заедно со екипите на ЕБР при МВР, од вода се извадени преживеаните патници, како и дел од телата на удавените. Во исто време од страна на нуркачи од Охрид, од водата и од бродот извадени се телата на удавените патници.


По завршената идентификација утврдено е дека во несреќата животот го загубиле вкупно петнаесет (15) лица – патници од бродот: М.Г.Г.(1933), Ц.З.Г.(1961), М.К.И.(1941), Н.Н.П.(1953), С.Т.Д.(1947), Г.М.Х.(1987), Н.Л.Б.(1940), И.С.М.(1946), Г.Л.С.(1972), Г.Д.М.(1936), Д.М.Р.(1977), М.Н.Н.(1938), Л.Г.Н.(1941), Г.Г.Д.(1945) и П.П.К.(1946), сите од Р.Бугарија.

Од страна на нуркачки екипи од ЕСЗ е извршен преглед на потонатиот брод со цел пронаоѓање на други лица. Увид на лице место извршиле дежурен Истражен судија, Заменик јавен обвинител, Капетанија на пристаништа-Охрид и увидна екипа од СВР–Охрид.

Од страна на УПС од СВР-Охрид против лицата С.Ф. и В.У. е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сториле КД „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, затоа што не се придржувале кон прописите за безбедност на бродски сообраќај со средство за масовен јавен превоз и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето. Истите се предадени на Истражен судија при ОС-Охрид од чија страна на првопријавениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

ohridnews