Пријавените во зависност од овластувањата кои ги имале злоупотребата ја извршиле на тој начин што најпрво спровеле јавен тендер за избор на соинвеститор за градење на Трговски деловен центар на локација на поранешниот градски пазар во Струмица, спротивно на Законот за јавни набавки и без да ги регулираат имотно правните односи на предметното земјиште спротивно на Законот за градба и Законот за просторно и урбанистичко планирање и други законски прописи. Земјиштето на кое е изграден трговскиот деловен центар е во сопственост на Р Македонија, а корисници се повеќе правни и физички лица, а истовремено за истото се во тек постапки за денационализација. Со горенаведеното му е овозможено на пријавениот Г.К., управител на „Де-лукс инженеринг“ДОО Струмица-соинвеститор на општина Струмица, кој го добил тендерот за градење на објектот, да се стекне со имотна корист во вкупна вредност од околу 7.805.544,00 евра, која вредност е неколку пати помала од користа која би се добила кога деловниот објект со површина од околу 38.162 метри квадратни, во целост би се продал по празарна вредност.
На 01.02.2006 година првопријавениот З.З. донел предлог одлука за Реконструкција и надградба на Градско пазараште во Струмица по што на 07.02.2007 година до Бирото за Јавни набавки доставен е План за јавни набавки на општина Струмица за 2006 година и Дополнение на Планот за јавни набавки во кои свесно не е наведена планираната јавна набавка за Реконструкција и надградба на Градско пазараште во Струмица, затоа што согласно Законот за јавни набавки, Бирото за јавни набавки проверува дали доставениот план за јавни набавки е во согласност со законот, го следи и анализира спроведувањето на законите и другите прописи за јавни набавки за што веднаш ја информира Владата и Министерот за финансии.
На 08.02.2007 година Советот на општина Струмица донел Одлука за Реконструкција и надградба на Градски пазар во Струмица, во која што е наведено дека постапката во име на ЈПКД „Комуналец“ Струмица ќе ја спроведе општина Струмица како организатор, како и начинот и постапката за решавање на имотно правните односи и истото ќе се спроведе по пат на Јавен тендер, а било презентирано и Идејно решение – Идеен проект за Реконструкција и надградба на Градско пазариште во Струмица. Тоа идејно решение не е изработен врз основа на Извод од деталниот урбанистички план, туку спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање изработен е од фирмата „Фадом“ од Струмица, чиј сопственик е пријавениот С.Д., и во истото не се запазени критериумите согласно Законот за јавни набавки, според кои пријавениот З.З. бил должен да спроведе постапка за набавка на проект врз основа на спроведен конкурс при што бројот на пријавените кандидати не треба да биде помал од три.
Првопријавениот донел решение за формирање на Комисија за јавни набавки на општина Струмица, со кое за иретседател го назначил пријавениот К.П. а за членови пријавените С.Д. и Н.Г.
На ден 21.02.2006 година, пријавениот З.З. објавил јавен тендер за избор на соинвеститор за реконструкција и надградба на Градско пазариште во Струмица, кој го доставил само во еден дневен весник, а согласно Законот за јавни набавки бил должен отворениот повик задолжително да го објави во Службен весник на Р.Македонија и на веб страницата за јавни набавки на Бирото за јавни набавки. Во отворениот повик не дал опис на предметот, ниту пак донел Одлука за утврдување на предметот, видот, износот и изворот на средствата потребни за реализација на набавката со цел да избегне објавување на меѓународен тендер, бидејќи не станува збор за реконструкција и надградба на градското пазариште, туку за изградба на сосема нов објект со сосема поинаква намена односно станува збор за изградба на објект чија вредност е многу поголема од 400.000 илјади евра, а согласно Законот за јавни набавки, постапката за набавка задолжително се спроведува со објавување на меѓународен тендер.
Од вкупно четири правни и физички лица кои подигнале тендерска документација, само две правни лица доставиле свои понуди и тоа фирмите „Комбитов и син“ од Благоевград Р. Бугарија и „Де-лукс инженеринг“ ДОО Струмица.
Пријавените К.П., С.Д. и Н.Г., првиот како претседател, а останатите двајца како членови на комисијата за јавни набавки, наместо согласно Законот за јавни набавки, да ги исклучат двата понудувачи поради некомплетна документација, извршиле оценување на понудите и на пријавениот З.З. му предложиле да склучи договор за избор на соинвеститор за реконструкција и надградба на Градско пазариште во Струмица со фирмата „Де-лукс инженеринг“ Струмица како најповолен понудувач, по што во име на општината Струмица на 27.06.2006 година склучил Договор за соинвеститорство и заедничка градба со ДГТУ „Де-лукс инженеринг“ ДОО Струмица застапувано од управителот, пријавениот Г.К. Првопријавениот, согласно Законот за јавните набавки исто така бил должен пред склучување на ваквиот Договор да поднесе писмено барање до Министерството за финансии за добивање на Потврда за обезбедени финансиски средства и Согласност за пристапување кон склучување на Договор што не го сторил и склучениот Договор согласно истиот закон се смета за ништовен.
Во Договорот за соинвеститорство, пријавениот З.З. во име на општина Струмица како своја инвестиција го отстапува за изградба земјиштето кое се наоѓа на повеќе катастарски парцели во Струмица на кои треба да се реконструира и надгради Градскиот трговски центар, а се во сопственост на Р. Македонија и како корисници се јавуваат повеќе правни и физички лица.
По однос на овој Договор, пријавениот Г.К. на 20.10.2006 година во име на ДГТУ „Де-лукс инженеринг“ ДОО Струмица како гаранција го става целокупниот имот кој по договорот за заедничка градба ќе биде сопственост на ДГТУ „Де-лукс инженеринг“ затоа што во моментот инвестицијата на оваа фирма за изградба на трговскиот центар изнесува 5.000.000 евра со која сума потврдува дека одговара на обврските и барањата на општина Струмица и гарантира дека целосно ќе ги заврши обврските кои произлегуваат од договорот и спогодбите.
На 17.07.2006 година, пријавениот З.З. во име на општина Струмица, поднесува барање за издавање Извод од урбанистички план до општина Струмица и поднесува барање за издавање Решение за локациски услови за градба, без притоа да наведе за кои катастарски парцели истото се однесува како и барање за одбележување и издавање акт за регулациона, градежна и нивелациона линија во кое е наведена само една катастарската парцела во КО Струмица. На 18.07.2006 година пријавениот С.Д. во својство на раководител на Секторот за урбанизам издава Извод од Генерален урбанистички план на град Струмица за осум парцели без притоа наведената одлука да стапи во сила, односно да измине законски определениот рок од 8 дена, потпишал Решение за локациски услови за реконструкција и надградба на Градско пазариште како и Одобрение за градење, кои акти ги донел првопријавениот (како Градоначалник), а ден подоцна С.Д. издал и Протокол за регулациона градежна и нивелациона линија, со определување на површина за градење. Во споменатото Одобрение за градење наведено е дека на градителот општина Струмица од Струмица му се одобрува градење – реконструкција и надградба на градско пазариште, односно изградба на објект со приземје и четири ката.
Во конкретниот случај кон барањето, барателот – општината не доставила доказ за сопственост на градежното земјиште, ниту пак доказ за стекнато право на градење согласно со закон, а не доставил ниту елаборат за нумерички податоци за недвижности издаден од надлежен орган за геодетски работи. Она што барателот го доставил како доказ за сопственост на градежно земјиште е имотен лист за парцела која е сопственост на Р. Македонија, а на која право на користење има ЈПКД Комуналец.
По однос на Основниот проект константирано е дека истиот е изработен од фирмата Фадом на која сопственик е пријавениот С.Д. и проектот е потпишан само од негова страна, и покрај тоа што како проектанти се наведени четири лица.
Во периодот од 26.05.2006 до 25.10.2006 година, З.З. во име на општина Струмица склучил 25 спогодби со правни и физички лица кои се корисници на градежно земјиште и сопственици на објекти на градско пазариште во општина Струмица, односно на катастарските парцели за кои е издадено одобрението за реконструкција и надградба на градско пазариште во Струмица. Меѓутоа, во спогодбите е наведено дека лицата се сопственици и на земјиштето, односно дека се согласуваат нивната недвижност изградена на катастарската парцела, како и идеалниот дел од земјиштето го даваат и преотстапуваат на општината, а како надоместок за тоа, како и за изгубената заработувачка да им се обезбеди соодветна површина во објектот кој што ќе се изгради (трговскиот деловен центар) и тоа површина која е неколку пати поголема од онаа која што ја имаат со правото на сопственост и владение на истата. Со наведените спогодби се согласил и пријавениот Г.К., ставајќи печат на фирмата „Де-лукс инженеринг“ ДОО Струмица и своерачен потпис на секоја страна од спогодбите.
Меѓу другото, З.З. во име на општина Струмица склучил и Спогодба за преостапување и со фирмата ДТ „Тргопродукт“ ДОО Струмица, застапувана од лицето Б.З. (близок роднина на првопријавениот), и тоа за објект од 73 метри квадратни сопственост на „Тргопродукт“ и земјиште под објектот од 78 метри квадратни сопственост на Р. Македонија, чиј корисник е „Тргопродукт“ при што согласно спогодбата како надомест за преотстапениот деловен простор и изгубена заработувачка, се предвидува да му се признае право на сопственост и владение на „Тргопродукт“ во новиот објект – трговски деловен центар, во вкупна површина од 125 метри квадратни.
Потпишано е Решение од пријавените З.З., С.Д. и Г.К. кое се однесува за утврдување на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште, за реконструкција и надградба на Градски пазар (Ламела 1, 2 и 3) и склучен е Договор за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште помеѓу општина Струмица, застапувана од градоначалникот, од една страна и ДГТ „Де-лукс инженеринг“ ДОО Струмица застапувано од управителот, пријавениот Г.К. од друга страна, во кое е наведено средствата во износ од 48.164.281,80 денари градителот да ги плати на 20 месечни рати.
На ден 14.09.2006 г. С.Д. донел уште едно Решение за локациски услови кое се однесува за реконструкција, доградба и надградба на Градско пазариште за Ламела „4“, како и Одобрение за градење со кое на градителот општина Струмица од Струмица му се одобрува градење – реконструкција, доградба и надградба на Градско пазариште во Струмица за Ламела „4“.
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам при Министерството за транспорт и врски на Р. Македонија во два наврати извршил надзор по предметот при што утврдени се неправилности спротивни на Законот на просторно и урбанистичко планирање и укажал и наложил запирање на постапката за извршување на одобрението за градење.
Инспекциски надзор, извршил и Државниот управен инспекторат при Министерството за правда на Р. Македонија за што е донесено Решение со кое на З.З. му било наложено да поведе постапка за решавање на имотно правни односи, на С.Д. да донесе заклучок за прекинување на постапката и на пријавената И.Т. да донесе Решение со кое на градителот ќе му нареди прекинување на градбата и во истото да одреди рок за усогласување на изградбата, односно состојбата на градбата со одредбите од Законот за градење.
По укажувањата на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат И.Т. на 20.03.2007 год. изготвила нов Записник во кој што константирала дека по однос на реконструкцијата и надградбата на градското пазариште нема Елаборат за нумерички податоци, дека градителот општина Струмица нема доказ за право на градител бидејќи по Имотниот лист корисник е ЈПКД Комуналец, а сопственик Р.Македонија, иако претходно во два наварати во својство на општински урбанистички инспектор констатирала дека објектот се гради спрема проектот.
Исто така, И.Т. на 22.03.2007 г. донела и Решение со кое наредила на градителот општина Струмица да ја прекине натамошната изградба на градското пазариште и тоа на Ламела „1“, „2“ и „3“, по кое иако изградбата не била прекината, пријавената не ги превзела потребните мерки за запирање на градбата согласно законот.
На 14.03.2007 година С.Д. во име на З.З. донел Заклучок со кој постапката покрената по Барања од 18.07.2006 година на општина Струмица за издавање Решение за локациски услови и Одобрение за градење за реконструкција и надградба на градско пазариште ја прекинал со образложение дека истото ќе трае се до решавање на претходното прашање – одземање на корисничко право. Врз основа на наведеното С.Д. доставил Известување до Министерството за транспорт и врски за превземени активности по однос на Барања за покренување на постапка за одземање на корисничко право за катастарските парцели во Струмица. Исто така З.З. на 04.05.2007 година и 10.07.2007 година поднел Барања до Јавно правобранителство на Р.Македонија со кои бара да се покрене постапка за престанок на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост каде корисник е ЗИК Струмица и каде корисник е АД Југопромет и Треска Мебел Скопје.
На 10.04.2007 г. З.З. дал Изјава со која се откажал од барањата од 18.07.2006 год. за добивање на Решение за локациски услови и Одобрение за градба за реконструкција и надградба на Градски пазар во Струмица, од причина што по истиот основ ќе бидат поднесени барања од ЈПКД Комуналец Струмица, како корисник на катастарска парцела на која е изградена ламела-3. На 19.04.2007 г. С.Д. донел Заклучок со кој ја запрел постапката покрената по претходно наведените барања за реконструкција и надградба на Градски пазар во Струмица.
Пријавениот Г.К. во својство на Управител на ДГТУ „Де – Лукс Инжинеринг“ ДОО Струмица во периодот од 30.05.2006 година до 18.06.2007 година склучил вкупно 92 преддоговори кои се однесуваат за дел од деловниот објект за купопродажба на недвижен имот во Трговски центар (поранешно градско пазариште), во својство на продавач и сопственик на деловен простор во градба со физички и правни лица во својство на купувачи коишто треба да уплатат вкупен износ од 12.121.128,00 евра. Според аналитичките картици од книговодствената евиденција на „Де-Лукс Инженеринг“, како исплатени обврски спрема добавувачите за изградба на деловниот објект се исплатени вкупно 4.315.584,00 евра.
Според горенаведеното, пријавените З.З, С.Д. К.П., Н.Г. и И.Т. му овозможиле на пријавениот Г.К. да се стекне со значителна имотна корист во износ од 7.805.544,00 евра, кој износ е неколку пати помал од износот што може да се добие со продажба на целиот деловен простор по пазарни цени.
Сето ова било направено од страна на пријавените З.З., С.Д., К.П. и Н.Г. и покрај тоа што истите знаеле дека до општина Струмица поднесена е Пријава за стопирање на реконструкција и надградба на Градско пазариште во Струмица, со образложение дека е поведена постапка за денационализација која се уште е во тек, а доставено е и писмено Известување до Министерството за транспорт и врски и поднесена е тужба до Основен суд Струмица за враќање на недвижен имот по основ на денационализација.
извор:
МВР