Министерството за внатрешни работи распиша интерна потерница по синот на Велија Рамковски, кој се уште е недостапен за истражните органи, информираат од МВР, јавува „Макфакс“.

Потерницата е распишана бидејќи полицијата имала оперативни сознанија и информации дека лицето по кое што се трага се уште се крие на локации низ Македонија.

Освен по синот на Рамковски полицијата трага и по другите странски државјани кои беа опфатени со кривичната пријава за случајот „Пајажина“, а се во бегство.

За овие лица полицијата имала сознанија дека се надвор од Македонија. Доколку МВР добие наредба од судот по нив ќе биде распишана меѓународна потерница преку Интерпол.

„Оперативниот штаб кој беше отворен за координација и реализација на криминалистичката обработка “Пајажина“ ќе продолжи да функционира и во иднина бидејќи, според сознанијата со кои располагаат истражните органи, многу е веројатно дека кривичните дела и стекнатата противправна имотна корист се само мал дел од случувањата во десетиците фирми регистрирани на улицата „Перо Наков“. Службените лица кои денононоќно, поделени во повеќе тимови, работеа во оперативниот штаб, денеска имаа прв слободен викенд“ се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Истражниот судија по десетчасовен распит им одреди триесетдневен притвор на 14 од осомничените меѓу кои и сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, неговата ќерка, директорката на А1 телевизија, како и поранешниот директор на А1 телевизија. Притвор во отсуство му беше одреден и на неговиот син и на уште четворица странски државјани.

Осомничените беа пренесени во истражниот затвор во Шутка.

Дел од притворените се бранеле со молчење, а дел дале исказ пред истражниот судија.

Во акцијата која што полицијата ја нарече „Пајажина“ се осомничени вкупно 23 лица. Тие се сомничат за злосторничко здружување, даночно затајување, перење пари. Според органите на прогонот, десет фирми нелегално заработиле околу 18 милиони евра, а со неплаќањето данок државниот буџет го оштетиле за околу 4 милиони евра.

OhridNews
извор: „Макфакс“