ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.М. (53) градоначалник на општина Струга Мерко за сторени пет кривични дела »злоупотреба на службената положба и овластување«, против П.Д.(64), внатрешен ревизор при општина Струга за две кривични дела »несовесно работење во службата« и »непријавување кривично дело или сторител«, против Д.Б.(45), сопственик на ДООЕЛ »Геопромер«-Струга за »фалсификување исправа« и против Б.З.(42), претседател на Комисијата за проценка и продажба на недвижен имот, сите од Струга, за »несовесно работење во службата«.
Во текот на 2006-2007 година, првопријавениот дозволил во четири наврати на избрани купувачи на општински станбени објекти, по уплата на депозит за истите, останатиот износ да го уплатат по истекот на законскиот рок од 8 дена. Инаку, според одлуката за неисплаќање на целосен износ на објект, во определениот рок, депозитот го задржува општината и распишува нова постапка за јавно наддавање. Исто така во 2006 година, првопријавениот спротивно од одлуката на Комисијата за јавна набавка на лесно гориво, склучил договор со друга фирма понеповолна од веќе избраната од страна на Комисијата.
Третопријавениот изготвил геодетски елаборат за продаден објект кој го доставил до Државниот завод за геодетски работи, во кој било констатирано дека објектот постои, иако истиот претходно бил срушен од страна на купувач. Четвртопријавениот без претходно донесена одлука од Советот на општина Струга дозволил да се продаде општински станбен објект. Второпријавениот при контрола на материјалното и финансиското работење на општината, увидел дека првопријавениот постапува спротивно на законските прописи, истиот не го пријавил и дозволил да продолжи со незаконското работење.
извор:
МВР