Министерството за внатрешни работи објави оглас за вработување на 600 полицајци. Во Секторот за внатрешни работи Скопје се бараат 100 полицајци, Струмица, Охрид, Битола, Велес и Куманово по 40, додека, во Сектор за внатрешни работи Тетово – 60, а во Штип 70. По 40 полицајци се бараат и во Регионалните центри за гранични работи Запад, Југ и Исток, додека, во Регионалниот центар за гранични работи Север се бараат 50 полицајци.
Кандидатите треба да ги исполнуваат oпшти услови меѓу кои да е државјанин на Република Северна Македонија; да е полнолетен, а да не наполнил 25 години живот ако за првпат заснова работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование; активно да го користи македонскиот јазик и неговото кирилско писмо; со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на кандидатот; да има завршено најмалку четиригодишно средно образование; да е здравствено и психофизички способен; со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност; да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија и да има положено тест за интегритет.
Кандидатите треба да ги исполнуваат и посебни услови односно потребна телесна висина од најмалку 175 см. (маж), односно 165 см. (жена) како и висока лична физичка подготвеност.
При спроведување на селекцијата на пријавените кандидати им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верско уверување, имотна и општествена положба. По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од 1 (една) година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати, се наведува во огласот од МВР.
По завршување на основната обука Министерството за внатрешни работи и кандидатот за полицаец, кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување во Министерството, со кој кандидатот за полицаец се стекнува со статус „полицаец – приправник”, се додава во огласот.
Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе лично во Секторите за внатрешни работи во градовите. Подетални информации за условите кандидатите можат да видат на официјалната страна на МВР.
Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 (петнаесет) дена, сметано од наредниот ден од денот на објавување на јавниот оглас (не сметајќи го денот на самото објавување).
OhridNews