Операцијата во кумановската „Дива населба“ е завршена, соопшти министерството за внатрешни работи.
– Терористичката група која беше стационирана во неколку објекти и претставуваше закана по безбедноста на граѓаните и на Република Македонија е целосно неутрализирана и елиминирана.Станува збор за една од најопасните терористички групи кои беа закана за целиот регион и која изминативе години беше инволвирана во бројни напади, а нејзините членови беа предмет на меѓународни потерници за најтешки кривични дела, информира на прес конференција портпаролот на МВР, Иво Котески.
Според сомненијата, лидери на оваа група се озлогласените Мухамед Красниќи таканаречен командант Малишева, Мирсад Ндрецај таканаречен командант НАТО, Сами Укшини таканаречен командант Соколи, Бег Ризај алијас командант Бегу и Деме Шеху, алијас Јунику. Сите петмина се косовски државјани и се доведуваат во врска со формирање на бројни терористички и екстремистички групи во регионот, односно фигурираат како основачи на паравоени структури.
Според првичните сознанија, тројца од нив синоќа и се предале на полицијата, но сеуште се работи на потврдување на нивниот идентитет. На лице место досега се пронајдени и 14 тела во униформи чиј идентитет дополнително ќе се утврдува.
– Меѓу нив засега е препознаен Џафер Зумбери од Ѓаковица. Во овој момент не можеме да исклучиме дека има и други загинати терористи со оглед на фактот дека објектите од кои ја напаѓаа полицијата се значително оштетени и можно е во одредени простории кои дополнително треба да се проверат да има уште тела.Овие објекти се обезбедуваат и во тек е увид на лице место. Првично пронајден е голем арсенал на оружје кој ќе биде подигнат и вештачен, рече Котески.
Како што веќе беше претходно кажано, на полициските сили им се предадоа повеќе од 30 терористи, главно македонски државјани и еден албански државјанин. Истите се предмет на обработка на службите и против сите нив ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение дека сториле кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Дел од овие лица, македонски државјани и претходно се кривично гонети за најтешки кривични дела како убиства, разбојништва, тешки кражби и други дела од областа на насилниот криминал.
Од првичните разговори дел од нив посочуваат дека групата започнала да влегува и да се утврдува во земјава на почетокот на месецов, подготвувајќи се кон средината на мај да отпочне со терористички напади кон цивилни и државни цели.
По престрелките кои се случија утринава со последните членови на групата за жал се зголеми бројот на настрадани полициски службеници. Животите ги загубија осуммина припадници на специјалните единици, а 37 беа повредени.
OhridNews