МВР откри детали за свирепото убиство на уличниот продавач на девизи, Трајче Цоцески за кое се сомничи охриѓанецот Лазе Радески. Полицијата се сомнева дека Радески е сериски убиец кој од живот лишил уште тројца улични продавачи на девизи. Според МВР постојат индиции дека Радески стои зад убиствата на Тодор Тасевски во 1999 година и на Спиро Ставрески минатата година, а се поврзува и со исчезнувањето на Раим Ракип.
Осомничениот го признал убиството над Трајче Цоцески, а истражен судија му одреди мерка притвор во траење до 30 дена. Тој сега се наоѓа во затворот во Охрид. Лазе Радески се товари дека во саботата го лишил од живот шеесет годишниот Трајче Цоцески. Неговото безживотно тело беше пронајдено три дена подоцна од случаен минувач во близина на авто кампот АС кај Струга. Специјални тимови на МВР и СВР Охрид, два дена подоцна го пронајдоа и лишија од слобода осомничениот за убиството.
Во акцијата за фаќање на убиецот биле приведени повеќе лица и биле извршени претреси во неколку куќи, станови и дуќани. Полицијата во подрумот на пријавениот Радески ги пронашла парите од убиениот, рамбо нож на кој имало траги од крв и други делови од облека. Според полицијата убиецот и Трајче Цоцески се сретнале во дуќанот на зетот на Радески на бул Туристичка. Тој му рекол на Цоцевски дека сака да смени евра, додека жртвата правела калкулација на дигитрон, Радески му пришол од зад грб и со чекан го удрил три пати по глава. Убиениот го ставил на најлонски кеси и го свиткал во ќебе по што незабележан од никого го ставил во своето возило “фиат 1300“ и отишол дома. По два дена се ослободил од трупот фрлајќи го во близина на авто кампот АС.
При извршениот увид во продавницата каде што работел, во еден од аглите каде што се наоѓаат кабли од електричната инсталација, пронајдени се траги од крв кои што осомничениот не успеал да ги избрише, како и еден чекан. Во неговиот подрум, во вреќа се пронајдени и 52. 490 денари кои биле покриени со крв, а за натамошно вештачење е подигнат и еден војнички нож кој го користел за касапење на телото. Покрај тоа, подигнати се еден пар крвави гумени чизми и неколку крвави кеси кои ги фрлил во контејнерот за отпад пред неговата зграда. По предочувањето на доказите, од страна на осомничениот се посочени и други локации каде што се ослободувал од други предмети на кривичното дело, а неговиот автомобил е донесен во Скопје каде што од страна на Крим техника треба да биде извршено детално вештачење.Со оглед на начинот на кој што е избрана жртвата и на кој што е извршено кривичното дело, постојат сериозни индиции дека осомничениот стои зад минатогодишното убиство на Спиро Ставревски, кој исто така разменувал девизи, а по исчезнувањето беше пронајден закопан во близината на Охрид. Покрај ова, постојат сомненија дека осомничениот е поврзан со уште едно убиство, исчезнување и разбојништво, што се случиле во периодот од 1999 до 2006 година на подрачјето на Охрид, исто така на лица кои препродавале девизи на црниот пазар, соопшти МВР.
Радески се познавал со жртвите со кои заедно работел во некогашна Застава. Мотив за убиството најверојатно било користољубие.
Фотографии од доказниот материјал и убиецот на Трајче Цоцески:
доказен материјал на МВР
ohridnews