Врз основа на направената идентификација од снимките добиени од медиумите, Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашната вечер и утринава, на службен разговор повикало десетина лица поврзани со инцидентите од минатиот викенд.
За петмина од нив постојат сомненија дека се инволвирани во петочните инциденти, додека останатите во инцидентите кои се случија во саботата. Три од лицата се малолетници. Во моментов лицата се распоредени по полициски станици и со сите нив се разговара. По целосно документирање, во консултација со надлежниот Јавен обвинител, против сите за кои ќе има доволно докази ќе бидат процесуирани соодветни пријави. МВР продолжува да работи на целосно расчистување и документирање на инцидентите и идентификување на сите учесници во нарушувањата на јавниот ред и мир, информираат од МВР.
Министерството продолжува да ги следи и повиците за повторно организирање на протести во петок и во сабота преку социјалните мрежи.
-Се работи на утврдување на лицата кои стојат зад профилите кои повикуваат на протести и насилство во рамки на групите отворени на Фејсбук. Неколку од групите каде се употребуваше говор на омраза и имаше повици на насилство веќе се затворени, а во тек е постапка за затварање и на останатите, соопшти МВР.
Министерството за внатрешни работи апелира да надвладее разумот и да се престане со девијантно и насилничко однесување.
-Без разлика што никакви протести не се формално најавени, врз основа на оперативните сознанија и информации, полицијата ќе ги преземе сите неопходни мерки, а против сите кои би предизвикувале или би учествувале во какви било инциденти ќе следуваат најостри санкции. Граѓаните кои размислуваат да учествуваат во некакви протести не смее да дозволат да бидат изманипулирани и вовлечени во какви било сценарија бидејќи товарот на одговорноста ќе падне врз нивниот грб, предупредува МБР.
Воедно МВР ги повикува сите општествени чинители, вклучувајќи ги и медиумите и невладините организации, активно да се вклучат и да го дадат својот придонес за смирување на страстите.