Комбинација на класична, филмска и изворна музика спакувана во уникатни аранжмани ќе може да слушне публиката во рамки на концертот на македонскиот композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев, кој ќе се одржи утревечер на Античкиот театар во Охрид.
Овој музички проект кој го носи името „Сон, верба, љубов“ ги содржи композициите од неговиот последен албум „Љубовта е патот“, како и неговите авторски композиции од филмовите „Сенки“, „До балчак“ и „Војната заврши“. Исто така концертот ќе бидат збогатен и со неколку композиции кои ќе имаат премиерна изведба.
-По впечатливите изведби на македонските традиционални композиции ќе се чујат и фолклорни елементи од албанската, турската и ромската музика што сето заедно прави еден автентичен настап на еден уникатен начин и заокружува една автентична целина со современ пристап, така мајсторски како што може да го направи само Дуке Бојаџиев, истакна Гордана Јосифова Неделковска, музички селектор на „Охридско лето“.
Дуке Бојаџиев рече дека му претставува голема чест тоа што повторно е дел од фестивалот „Охридско лето“, со нов материјал, по неговиот концерт во 2011 година.
-Проектот „Сон, верба, љубов“ носи една порака, која во коренот е македонска и која јас и останатите уметници ја пренесуваме низ светот. Музика која ќе имаме можност да ја презентираме тука во Охрид, и на огромно задоволство сето тоа да го крунисаме со концерт во „Карнеги хол“ во Њујорк на 8. октомври, рече Бојаџиев.
На Античкиот театар заедно со Дуке Бојаџиев ќе настапат Мартин Николовски – Шпато на контрабас, кларинетистот Исмаил Лумановски, перкусионистот Костас Анастасијадис од Грција, Тања Царовска како вокал, стринг-квартетот на Владимир Крстев. Концертот со свој настап ќе го отвори охриѓанката Мартина Блажевска, која студира на Беркли Универзитетот во САД.
Во рамки на денешната прес конференција Бојаџиев доби на подарок уметничка слика во знак на почит кон неговите врвни достигнувања од неговиот пријател, новинарот Свето Стефановски.
OhridNews