Една од најстарите музички манифестации, фестивалот “Охридски Староградски Средби“, го имаше своето 33 –то издание. Традиционалната средба на културно уметнички групи и музички состави, кои го негуваат староградскиот мелос, се одржа пред платото на Центарот за култура “Григор Прличев“,охриѓ согласно здравствените протоколи.

Во името на Локалната самоуправа, пред присутните се обрати Живка Ангелоска, претседателка на Советот на Општина Охрид.

 

Понекогаш тешко се наоѓаат зборови да се искажат чувствата на радост од ваквите моменти, кои како непрекината нишка се надоврзуваат низ десетлетијата, а кои го потврдуваат непресушниот талент на македонскиот народ низ различни културни форми да се самопотврдува и да биде препознатлив на светската културна мапа. Охридските Строградски Средби се можеби најпрепознатливиот и највпечатливиот културен белег на нашиот народ, кој низ песната ги изразувал своите радости и мечти, но и своите тешкотии и страдања. Со вашата песна вечерва ќе не навратите во некои дамнешни времиња, низ старите калдрми и слабата светлост на фенерите, кога момчината и девојките се заветувале на вечна љубов или конзервативните родители тоа го забранувале. Во вашиот мелос ќе провејува радост и тага, љубов и чемер, храброст и достоинство, но во секој случај ќе провејува нескршливиот дух на македонскиот народ и непресушното врело на народното творештво, вели Ангелоска.

Во богатата културна понуда на Охрид, Охридските Староградски Средби се можеби најмалиот, а воедно и најсјајниот бисер на нашиот талент и уметничко битисување препознатливо и за другите култури и народи, истакна во своето обраќање Ангелоска.

На фестивалот настапија повеќе од сто учесници, со осум пејачки состави од Охрид, Кичево, Кавадарци, Битола, Штип, Прилеп и Радовиш.

OhridNews