Фестивалот “Охридско лето” вечерва ќе биде во знакот на дуото виолини Ана и Олег Кондратенко и пијанистката Марија Вршкова. Во  катедралната црква “Света Софија” со почеток во 21 часот тие ќе изведат дела од Бах, Леклер, Мошковски, Вјенјавски, Шостакович, Сарасате.

Олег Кондратенко се вбројува меѓу најзабележителните македонски солисти од помладата генерација. Активен е на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и странство. Работи како вонреден професор на Факултетот по музичка уметност во Скопје и на Факултетот по музичка уметност во Штип, но е и концертмајстор на ММЕ-филмскиот оркестар при Македонската радио-телевизија.

Ана Кондратенко зад себе има богато искуство како солист и концертмајстор на младински и филхармониски оркестри од Русија, САД, Германија, настапувајќи на концертните подиуми ширум светот. Работи како концертмајстор на Македонската филхармонија и ММЕ-филмскиот оркестар при Македонската радио-телевизија.

Репертоарот на Марија Вршкова опфаќа разновидни стилски периоди, од барок до најсовремени музички дела. Настапува со реномирани музички уметници, а е добитник и на  наградата за најдобра пијано соработка на Меѓународниот натпревар “Охридски бисери 2008 “.

Ohridnews