Љубителите на класичната музика вечерва во црквата „Света Софија“ уживаа во концертот на виолинистот Џафер Џафери од Македонија и пијанистката Милана Чернјавска од Германија, што се одржа во рамки на фестивалот „Охридско лето“.  Тие изведоа дела на Моцарт, Прокофјев и Брамс.

Џафер Џафери своето образование го започнува во родната Македонија, а потоа школувањето го продолжува на Академијата за музика и изведувачки уметности во Манхајм. Чест учесник е на музичките фестивали во светот, а како солист и камерен музичар соработувал со голем број значајни музички имиња. Добитник е на голем број национални и интернационални награди и признанија.

Германската пијанистка со украинско потекло Милана Черњавска е еден од најзначајните пијанисти на денешнинава. Со своите извонредни изведувачки способности непрестано ги воодушевува слушателите насекаде во светот. Покрај солистичката дејност, Черњавска често настапува и како камерен музичар, соработувајќи со извонредни музичари.

Фестивалот во четврток продолжува со Младо театарско Охридско Лето, во рамки на кое Народниот театар од Битола ќе ја изведе претставата „ActOrchestra“ во режија на Хорија Суру.

Претставата ќе биде изведена во предворјето на Св. Софија со почеток во 21 часот.

OhridNews
фото: „Мега продукција“