Изградбата на Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште започна денеска со поставување на камен темелникот на придружниот објект во кој ќе бидат сместени канцеларија за информации и продавница за сувенири.


Реконструкцијата на  наколната населба од бронзеното време ќе биде завршена до 8 декември оваа година, а целокупната вредност на проектот се проценува на 2 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на државата.


Наколната населба  ќе биде реконструирана автентично на остатоците од праисториската населба во подводниот археолошки локалитет „Миќов град“. На платформата која ќе поставена на 900 колци планирано е да бидат изградени 7-8 дрвени куќички каде ќе бидат изложени сите предмети пронајдени за време на осум годишните археолошки истражувања на подводниот локалитет. Целиот овој простор ќе биде поврзан со 15-метарски мост со Римската тврдина која се реконструира во месноста Кула во Градиште.


„Музејот на вода ќе претставува не само нова туристичка атракција, туку ќе сведочи за цивилизацијата стара илјадници години“, истакна претседателот на Влaдата, Никола Груевски, кој присуствуваше на свеченоста по повод изградбата на Музејот на вода во Градиште. Се работи за напредна цивилизација во тоа време споредена со другите земји и континенти, што зборува дека Македонија е древна земја која има што да покаже пред светот, рече Груевски, додавајќи дека „работиме за иднината, но нашата сила и моќ е во минатото и тоа мора да го негуваме затоа што така расте нашата вредност“.



Според директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, наколната населба која датира 1200 до 600 година пред нашата ера претствува враќање на праисторијата во денешно време. Посетителите на овој локалитет ќе имаат ретка прилика да патуваат низ времето од праисториско до римско време, од музејот на вода до римскиот логор, рече Кузман.

ohridnews
фото:Васко Бујароски