Многу пати до сега во нашите лаборатории во МАНУ има констатирано мали мутации на вирусот. Мутацијата во Велика Британија е практично мутација во повеќе делови на структурата на вирусот, но тоа нема никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој појасни дека според одредени шпекулации, мутација во повеќе делови во структурата на вирусот, повеќе ја зголемува трансмисијата на вирусот, бидејќи посилно се врзува за клетката домаќин.

Многу пати до сега беше констатирано во лабораториски услови мутација на вирусот. И кај нас, во нашите анализи кои што ги лабораторијата во МАНУ има констатирано некои мали мутации. Оваа мутација за која објавија медиумите која е откриена во Велика Британија е практично мутација во повеќе делови на структурата на вирусот посебно во длеот кој што се врзува со клетката домаќин, рече Филипче во одговор на прашање.

Сепак, според неговите сознанија, тоа воопшто нема никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината.

Можеби има и дополнителни испитувања кои се прават, тоа што има мутација во повеќе делови во структурата на вирусот, еве има шпекулација дека можеби повеќе ја зголемува трансмисијата а во смисла на тоа да посилно се врзува за клетката домаќин заради тоа што токму во тој дел мутацијата, додаде Филипче.

Со цел поголема внимателност, Филипче потсети дека вчера се забранија летовите со Велика Британија. Сепак, посочи дека уште е рано за некаква констатација за тоа дали треба дополнитела форма на вакцина, поради оваа мутација на вирусот.

Еве и ние бевме внимателни, вчера ги прекинавме летовите со Велика Британија така да мислам дека е се уште рано за некаква констатација во однос на тоа дали треба или не треба дополнителна форма на вакцина и така натаму, засега сметам дека не. Тоа беше пакет на мерки, освен забрана, има и задолжителна изолација од 14 дена на сите кои треба да пристигнат од Велика Британија по кој било пат, на аеродромите или по сувоземен пат. Сите кои доаѓаат и во следниот период, рече министерот.

„Фајзер“ и „Модерна“ ги тестираат своите вакцини на новиот вид на коронавирусот

„Фајзер“ и „Модерна“ своите вакцини против Ковид-19 почнаа да ги тестираат на новата верзија на коронавирусот што брзо се шири и се појави во Велика Британија, јави денеска Си-Ен-Ен.

„Модерна“ очекува дека нејзината вакцина ќе ги заштити луѓето од новата варијанта на вирусот и ќе изврши повеќе тестови со цел да го потврди тоа во наредните недели, се наведува во соопштението на компанијата проследено до Си-Ен-Ен.

„Фајзер“ соопшти дека генерира податоци за тоа колку примероците од крв од имунизираните луѓе со неговата вакцина можат добро да го неутрализираат новиот вид од Велика Британија, се наведува во извештајот.

Откривањето на новата варијанта на коронавирусот предизвика нов бран паника, пред се затоа што се пренесува побрзо за 40-70 проценти.

Истражувачите наведуваат дека нема докази дека вакцините од „Фајзер“ и „БиоНТек“ или другите производители нема да ги заштитат луѓето од новата варијанта на коронавирусот.

Се намалува бројот на пациенти кои се јавуваат за тестирање

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата одржана денеска, соопшти дека на некој начин епидемијата со коронавирусот стивнува и се намалува бројот на пациенти кои се јавуваат за тестирање.

Се намалува бројот на пациенти кои се јавуваат за тестирање, што значи дека се намалува и бројот на пациенти. Доказ за тоа е се поголемиот број слободни термини и слободните болнички кревети и намалување на бројот на кревети во болничките установи, нешто што се констатираше во сите болнички установи, поточно во нивните амбуланти посебно во последната недела, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Филипче нагласи дека цело време ги следат сите индикатори, како тестирање, хоспитализации, прегледи во болниците. Сето тоа, како што рече, укажува на тоа дека на некој начин епидемијата стивнува.

Сепак, рече министерот за здравство, во следните две до три недели сите треба да бидеме крајно внимателни. Посочи дека следи вообичаено убав период на новогодишни празници и апелираше на внимателност.

Имаме многу тешка година зад нас и искрено верувам дека следната ќе биде многу подобра. Во вакви услови кога епидемијата сериозно спласнува и се стабилизира да не направиме ништо таа да се влоши. Апелирам да се празнува одговорно во кругот на семејството без групирање со почитување на јасно пропишаните протоколи и мерки. Се покажа дека досегашните протоколи и мерки беа добро осмислени и домензионирани и го дадоа резултатот како што се очекуваше. Тие се димензионирани така да не се спречи слободното движење и работа, имајќи предвид колку е сето тоа тешко за сите нас, рече Филипче.

Г.М.