Софтверската компанија Мусала Софт ја гради следната генерација на ИТ решенија преку креативност и иновација со цел да испорача квалитет и вредност на нивните клиенти.

Во 2020 година Мусала Софт ја започнува иницијативата „Work from anywhere“ и ангажира вработени кои можат да работат надвор од локациите на канцеларијата во Скопје.

Ристе Јованоски од Охрид е Софтверски инженер во Мусала Софт кој ни зборува преку искуството на оваа иницијатива и работењето од дома.

Ристе, ти си од Охрид, раскажи ни нешто повеќе за убавините на твојот град?

Охрид е прекрасен! Неговата убавина се забележува во било кое време од годината. Старата охридска калдрма и тесните улички низ Варош, звукот на брановите, прошетка со кајче, ми будат спомени од детството. Плаошник кој изобилува со својата духовна и културна вредност, Канео – една од најпознатите цркви во стариот дел на градот, Самуиловата тврдина која е симбол на градот и препознатливиот Антички театар, се местата кои ме релаксираат и потсеќаат на дома. Јас како охриѓанец сум горд што потекнувам од град кој има толку многу убавини собрани на едно место.

Како ти поминува еден работен ден во Охрид низ оваа (не)нормална 2020 година?

Секој ден го започнувам со пиење на утрински чај на свеж воздух и уживам во погледот кон Охридското Езеро. Тоа ми помага да се подготвам за работа. Потоа, ги разгледувам дневните задачи што ми се зададени, ги подредувам по приоритет и работам на нивно решавање. Бидејќи членовите во тимот со кој што работам работат од различни локации, секојдневно имам и онлајн состаноци со нив, со цел синхронизација, консултации и решавање на проблеми.

Раскажи ни за твојот кариерен развој низ годините?

Уште како дете имав љубов кон компјутерите па затоа одлучив да се запишам во средното училиште ОЕМУЦ Св. Наум Охридски во Охрид каде се стекнав со добра основа за програмирање. Моето образование го продолжив на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство во Скопје кој ме припреми за почеток на мојата професионална кариера во ИТ индустријата. Во Мусала Софт работам веќе неколку години. Најпрво работев на проект за IBM – гигант и лидер во иновативни решенија во ИТ индустријата. Развивавме паметни ботови за комуникација со корисници како и апликација за решавање на проблеми врз база на слични проблеми што веќе биле решени во минатото. Работејќи на ова, се соочив и решавав интересни предизвици преку кои научив многу нови технологии и подобрив голем број аспекти во начинот на работа. Моментално работам на проект за развивање на решение за иновативната платформа за паметни домови – Qivicon на лидерот за телекомуникациите Deutsche Telekom. Самото тоа по себе претставува предизвик и можност за учење на нови технологии. Работењето на овие проекти ми помогна константно да го надградувам моето знаење и истовремено да стекнувам познанства од целиот свет. Мусала Софт ми овозможи прилика за напредок во професионалната кариера, а мојата посветеност и секој мој вложен труд е признаен и награден од страна на компанијата што е многу важно и ми претставува дополнителна мотивација.

Како се справуваш со професионалните предизвици?

Секогаш пред да почнам со работа на некоја задача, голем дел од времето го посветувам на детална анализа на истата, со цел да изградам јасна слика што точно треба да се изработи и како треба да функционира. Добро структуриран план за работа дефинитивно ја зголемува продуктивноста и ефикасноста и според мене со тоа половина од задачата е веќе завршена. Бидејќи технологијата многу брзо се менува и се движи напред, читањето стручна литература ми помага за надградба на моето знаење, да бидам во тек со новостите и најдобрите практики за работа.

Кои се можностите за развој во Македонија на темата ИТ? Односно, како ти звучи концентрираноста на ИТ сферата да е распространета низ цела Македонија, а не само во Скопје?

ИТ индустријата во Македонија најмногу е сконцентрирана во Скопје, меѓутоа комплетно ја поддржувам идеjата за проширување и распространување на истата низ целата држава. Верувам дека ИТ индустријата може многу да помогне во развитокот и враќањето на животот во помалите градови. Мислам дека ако имаш можност да ја работиш работата што ја сакаш, те исполнува и те прави среќен во родниот град, веројатноста да размислуваш за иселување во потрага по истата би била многу помала.

Дали е пречка работењето од дома, кои се предностите на рботењето од дома?

Работењето од дома секако си има свои предности и недостатоци. Голема предност е тоа што всушност не мора секогаш да работиш од едно исто место, доволно е со тебе да имаш лаптоп и стабилна интернет конекција и спремен си за работа од било каде. Иако повеќе години живеам во Скопје, со можноста за работа од дома, скоро цело лето работев од мојот дом во Охрид. Со оглед на целата ситуација со Ковид 19, можноста да работам од родното место позитивно ми влијаеше. Исто така, после повеќе години повторно имав можност секој ден да одам на плажа, што искрено во топлите летни денови кога сум во Скопје и тоа како ми недостига. Негативно можеби е тоа што недостига дружбата со колегите, но колешките од тимот за настани постојано организираат многубројни онлајн активности за забава, едукација и дружење што прави да се чувствуваме поврзани во било кое време. Сега сме во исчекување на Божиќната онлајн забава, каде заедно ќе го прославиме успехот од оваа година.

Сега кога Мусала Софт покрај своите физички канцеларии, „отвори“ канцеларија „насекаде“, буквално секој може да работи од каде и да било за Мусала Софт.

OhridNews