Португалскиот стручњак Жозе Мурињо ја одби првата понуда за враќање во фудбалот, откако доби отказ во Манчестер Јунајтед во декември месец минатата година.
Интерес за Мурињо покажала Бенфика, но искусниот стратег без размислување ја отфрлил понудата и одбил да го преземе клубот кој во меѓувреме го отпушти Руи Виторија.
„Црвените ѓаволи“ соработката со Португалецот ја прекинаа после поразот од Ливерпул во дербито на Енфилд. На местото од Мурињо го назначија Оле Гунар Солскјаер кој нанижа пет победи во исто толку мечеви.
Тренерскиот занает Мурињо го започна токму во Бенфика во 2000 година, но најголемиот успех во Португалија го направи со Порто освојувајќи титули во Лигата на Шампиони и Купот на УЕФА. Мурињо покрај Бенфика и Порто ги водеше Леира, Челси во два наврати, Интер и Реал Мадрид.
OhridNews