Во Македонија социјален дијалог не постои и тоа сеуште е мисловна именка, изјави денеска во Охрид претседателот на УПОЗ и на Сојузот на синдикатите на Македонија, Ванчо Муратовски.

-Во изминатите три години владеење на оваа Влада практично како да нема разговори со неа и тие разговори што се водадат се на сила, не се со добра волја и резултатите се повеќе од никакви, рече Муратовски.

За да има социјален дијалог, додаде Муратовски,  потребно е Владата да разбере дека Синдикатот или организацијата на работодавачи не се противници туку партнери во договарањето и дека заеднички трите партнери би направиле многу повеќе за Македонија.

Според Муратовски преговорите што Владата ги има со други синдикати се имитација на социјален дијалог.

Владата си избира социјални патрнери кои очигледно ја поддржуваат за што говори и законот за работни односи кој и покрај тоа што очигледно е лош е поддржан од одредени синдикати што ќе предизвика големи реакции кај работниците, а нас не избегнуваат како да сме противници, што не е точно затоа што ССМ постои 101 година и ќе опстои и натаму. Многу подобро е да не повикаат на разговор отколку да имитираат социјален дијалог затоа што светот знае за тоа ,што ќе биде констатирано и во извештајот на Брисел за напредокот на Р. Македонија, истакна Муратовски.


Муратовски во Охрид учествува на регионалната работилница посветена на правата на вработените во јавните сервиси. На работилницата на која учествуваат синдикалци од Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Македонија, Шведска и Данска прусуствуват и претставници од Интернационалната синдикална федерација на вработените во јавните сервиси. Тие предупредија дека земјите од Западен Балкан  не можат да сметаат на соодветна интеграција во ЕУ без социјален дијалог, без што, како што беше релено, нема ниту соодветни работнички права.

Г.М.