Mурал посветен на дејноста на истакнатиот писател и општествено- политички работник Владо Малески насликан на јужната фасада на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Уметникот и автор на муралот, Горан Ристовски вели дека истиот е насликан по повод 30 години независност на државата.

Се одлучив сликањето на муралот да го посветам на ликот и делото на Владо Малески 1919-1984, истакнат писател и општествено политички работник. На површина од 13 метри должина и 7 метри висина е композицијата на муралот која е составена од детал познатиот „струшки вез“ симболизирајќи на неговиот најпознат роман „Разбој“, неговиот потрет и детали од текстот на химната „Денес над Македонија“, вели Ристовски.

Додава дека муралот е насликан секако со дозвола од Центарот за култура во Струга, со кој има одлична соработка секогаш кога се работи за вакви проекти, за што како што вели им е многу благодарен.

Темата на муралот е дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на творештвото, културата, уметноста, литературата, музиката, образованието, спортот и други истакнати личности кои имаат директен придонес во развојот на државата, или придонеле во создавањето или во зачувувањето на културното наследство, вели Ристовски.

Инаку, реализацијата на овој мурал е во рамки на проектот “Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност” кој се реализира и во седум други градови.

Н.С.Ј.