Како дел од програмата на Општина Охрид “80 години слободен Охрид” денес ќе се одржи мултимедијалниот настан – промоција на збирката поезија „Модра мрежа“ (ПНВ 2024) на Марина Икономова Шокева во кафе „Шила“ во 18.00 часот.
За авторката ова е четврта по ред објавена збирка, а промотор на истата ќе биде Зоран Јакимоски, додека стихови ќе чита Јордан Коцевски.
Пред нас имаме нов поетски ракопис кој изнедрува од длабочините на свеста. „Модра мрежа“ е интроспекција на душевните доживувања пренесени преку два спротивставени поетски јазика, натурална наспрема урбана поезија, метафорите наспрема директните поетски слики од секојдневното живеење… Таа глад за слободата и ослободувањето наспрема заробеноста, во телото, во домот, во градот, во општеството не следи низ целата книга. Силните поетски сцени кои се врежуваат во свеста и со тоа остануваат во сеќавањата се податливи и за поетски филмови, бидејќи во нив е претставена цела атмосфера, ликови, случки и сцени…, вели за збирката поетесата Снежана Стојчевска.
На промоцијата покрај претставување на дел од песните застапени во збирката, ќе бидат претставени и две видеа со видео поезија од истата изготвени од Дамјан Шокев како и од саматa авторка.
OhridNews