Прд одлучувачкиот меч со Чешка за пласман на СП во Франција, на ракометката нација и се обрати претседателот на РФМ Живко Мукаетов, кој побара поддршка од публиката на реваншот кој се игра вечерва во Скопје, како и максимално залагање од репрезентативците. Македонија вешерва од 20 часот во Скопје ќе брка негатива од 6 голови против Чешка (22:28).

Обраќањето на првиот човек на ракометната федерација го пренесуваме во целост:

„Драги репрезентативци, ракометни работници, почитувани претставници на медиумите и љубители на ракометот,

Нашите ракометни сениори на 15 јуни 2016г. во 20:00 часот ќе се соочат со уште еден тежок предизвик. Претстојниот натпревар помеѓу националните селекции на Македонија и Чешка за СП Франција 2017, е многу повеќе од квалификациски меч. Утрешниот натпревар за нас како Федерација претставува мост помеѓу македонската ракометна историја и иднината на нашиот национален ракометен дрес.

Токму затоа, на утрешниот натпревар апелирам до нашите момци да ги вложат макар и последните атоми од силите за да го одржиме континуитетот на големите натпреварувања. Да го дадеме најдоброто што го знаеме и умееме за непречен тек на приказната чии продолженија ги славиме секој јануари.

Да ги израдуваме нашите верни навивачи кои поминуваат илјадници километри во невозможни услови со цел да ги бодрат своите јунаци при големите подвизи и кои сум сигурен дека и на утрешниот натпревар ќе ни дадат максимална поддршка од трибините во ВИП Арената ,,Борис Трајковски”.

Драги репрезенативци и стручни ракометни соработници: просторот за оправдувања се стесни. Затоа, апелирам да се сфати сериозно секоја секунда од семафорот на утрешниот натпревар. Да се остави срце на терен, онака како што многу пати досега се случувало. Со сета сила да се брани македонскиот ракометен идентитет, затоа што тоа и’ го должиме на целата нација!“ – стои во обраќањето на Мукаетов.

OhridNews