Во моментов, 116 пациенти со тешки повреди се хоспитализирани во 14 европски држави, од кои 38 се транспортирани преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, а останатите со директна билатерална помош. Најавите што ги имаме се дека во тек на следната недела ќе почнат да се враќаат првите пациенти, тие најави ги добиваме во директна комуникација каде што се сместени и кои ќе бидат во доволно добра здравствена состојба за да може да се враќаат назад, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција.
Лично ги посетив болниците во 6 држави, разговарав со нивните семејства, со медицинскиот персонал и со моите колеги министри. Благодарност до сите партнери за солидарноста и човечноста. За кратко, во МНРНТ ќе се одржи координативен состанок за подготовка на следните чекори околу враќањето на пациентите и нивните семејства.
Најголем број од хоспитализираните во странство, посочи, се во болници во Србија -31 пациент, 15 во Бугарија, по 12 во Турција и Грација, седум во Шпанија, по шест пациенти се на лекување во Австрија и Унгарија, пет во Хрватска, по четири пациенти во Белгија, Литванија, Италија, Шведска и Словенија и двајца пациенти во Полска. Чешка и Израел, вели, испратиле медицински тимови, додека Романија, Луксембург, Норвешка и Финска, обезбедиле логистичка поддршка за транспорт на повредените.
Трошоците за лекување на нашите државјани во странство се покриени од државите домаќини, а сите трошоци за патувањето, сместувањето на нивните најблиски и трошоци за целата логистика за нивниот престој во странство е на нашата Влада. Нашите Дипломатско-конзуларни претставништва се во 24 часовна комуникација со семејствата во земјите каде се згрижени пациентите. Дежурните телефони и на Министерството и на Службата за општи и заеднички работи остануваат отворени за сите прашања и потреби.
Потенцираше дека однапред од страна на Владата се резервира хотел, се купуваат авионски карти, известуваат дека ги покриваат сите трошоци – од телефонски сметки до дневници за тековни потреби.
Скоро сите граѓани се во директна комуникација со нашите амбасади. Тие обезбедуваат логистичка поддршка и комуникација со болниците. Нормално и добро е што граѓаните сакаат да помогнат, но мора да знаат дека државата е ангажирана да го покрие апсолутно секој трошок, посочи Муцунски.
Н.С.Ј.