Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со Министерството за здравство и Службата за општи и заеднички работи, а согласно заложбите на Владата, активно работи на реализација на процесот на репатријација на македонските пациенти кои успешно го завршуваат болничкото лекување во странство, изјави на денешната прес конференција министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Станува збор за сложен процес кој бара внимателна подготовка, институционална координација и, пред сè, висок степен на одговорност кон здравјето на секој пациент. Протоколот изготвен од стручни медицински лица е веќе доставен до болниците преку нашите дипломатско-конзуларни претставништва. Врз основа на проценките од медицинските тимови и официјалната потврда од Министерството за здравство, се организира секој чекор во процесот на враќање, посочи Муцунски.

Вчера беше успешно реализирано враќањето на еден пациент од Белград, а денес се очекува пристигнување на уште еден пациент од Грција и четири пациенти од Мадрид. Во наредните денови се очекува враќање на уште неколку пациенти од Белгија, Австрија, Хрватска и Србија.

OhridNews