Американски ветеран од Втората светска војна 70 години откако престојувал во Австрија го добил назад својот паричник кој го изгубил во таа земја. Американецот Елиџио Рамос, кој сега има 91 година, го изгубил паричникот пред седум децении во австриската покраина Салзбург, а истиот го пронашол лекарот Јозеф Рукофер кога ја реновирал куќата на својот дедо. Рамос за време на војната бил припадник на 250. артилериски пук на американските сили, кои учествувале во ослободување на концентрационите логори во Австрија. Неговата единица за сместување користела земјоделско земјиште во салзбург, на кое Рамос го изгубил паричникот. Изгубиле секаква надеж дека повторно ќе го добие.
Меѓутоа, седум децении подоцна, Рамос добил писмо од лекарот Рукофер кој го пронашол неговиот паричник. Тој објаснил дека во паричникот имало семејни фотографии, но и воена легитимација, па според неа успеал да го пронајде сопственикот. Рукофер преку интернет трагал за поранешниот американски војник, надевајќи се дека сеуште е жив. Откако пронашол информации за местото на живеење на Рамос, тој испратил писмо на кое добил одговор од синот на Рамос, кој потврдил дека се работи за истото лице. Потоа веднаш испратил пакет со паричникот на адресата во САД. Рамос бил изненаден од гестот од Австрија, а неговиот син најавил дека сите предмети од паричникот ќе ги урами и изложи во семејната куќа.