Американецот Доналд Деволт го добил назад својот, сега веќе застарен мотор, кој му бил украден пред речиси половина век. Моторот марка „Триумф Тајгер 100“ од 1953 година му бил вратен вчера, пренеле странските агенции. Деволт пред две седмици дознал дека властите на Калифорнија го нашле неговиот мотор во Лос Анџелес.
Моторот требало да биде испорачан во Јапонија, но цариниците проверувајќи го идентификациониот број на возилото откриле дека неговата кражба била пријавена во февруари 1967 година. Вредноста на моторот тогаш била 300 долари, а денес вреди 9000. Деволт моторот го имал нешто повеќе од една година кога бил украден од неговиот двор. Тој сега во својата гаража има „Кавасаки“ и „Харли Дејвидсон“, а планира својот старо-нов мотор да го чува за посебни прилики.