Американецот Вејн Кинкел од Хелена, во државата Монтана, успеал од американскиот трезор да добие замена за пет банкноти од по 100 долари кои биле изџвакани од неговото куче. Како што пренеле агенциите, „несреќниот случај“ се случил минатиот декември, кога златниот ретривер на Кинкел по име Санденс, ги нашол банкнотите во семејниот автомобил додека тој и неговата сопруга биле на ручек во ресторан.
Кинкел објаснил дека со денови внимателно ги собирал деловите од банкнотите од кучешкиот измет, потоа ги исчистил и ги составил, ги спаковал во пластична вреќа и во април ги испратил до американскиот трезор. Чекот на 500 долари, на кој морал да причека неколку месеци, конечно го дибил во понеделникот.