Министерството за труд и социјална политика апелира до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплата на пензиите на шалтерите на банките. Само со одговорно однесување на секој пензионер може да го заштитиме личното и јавното здравје. Почитувањето на препораките за носење лична заштитна опрема на лицето и држење растојание од најмалку два метра додека чекате во ред пред или внатре во банките, е во интерес на сите нас, потенцираат од МТСП.
Министерството за труд и социјална политика потсетува дека почнувајќи од понеделник ќе се врши етапна исплата на пензиите на шалтерите на банките, според висината на пензијата и тоа: за пензии до 11.000 денари, исплата во понеделник 27-ми април; за пензии од 11.001-14.000 денари, исплата во вторник 28-ми април; за пензии од 14.001-18.000 денари, исплата во среда 29-ти април и- за пензии повисоки од 18.001 денар, исплата во четврток, 30-ти април.
Етапната исплата на пензиите е направена со цел да се избегне метежот пред банките и да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, веќе можат да ги користат парите за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Исто така, пензиите можат да ги подигнат на банкоматите на банките.
OhridNews