Песната која Македонија ќе ја претставува на Евросонг оваа година ќе претпри измени и доработка во однос на текстот и аранжманот, одлучи денеска Македонската Радио Телевизија заедно со евровизиските претставници.
„Оваа одлука дојде како резултат на јасно изнесените ставови и конструктивните сугестии од стручната јавност и од македонскиот аудиториум. Македонската Телевизија како јавен сервис на граѓаните на Македонија ја почитува желбата на мнозинството кои го кажаа својот став во однос на песната. Сакаме да напоменеме дека овие чекори се дел од регуларната и редовната процедура и дека ќе направиме сè да имаме впечатлив, квалитетен евровизиски проект“, се вели во соопштението од МРТ.
Од таму додаваат дека како носител на лиценцата за евровизискиот проект, МРТ ги има сите права за корекции и за промена на комплетниот евровизиски пакет, сè до крајниот термин, 18 март оваа година, кога истиот треба да се предаде на ЕБУ.
„Уште еднаш напоменуваме, дека МРТ и оваа година дозволи целосна слобода во креативниот пристап и реализација на видео записот на песната, но сметаме дека видео записот направен од ’Егизт Б Продукацијата’ не ги задоволува стандардите и критериумите за достојно претставување на Македонија пред евровизискиот аудиториум и се оградува од истиот. МРТ ниту го постирала, ниту го отстранила видео записот од интерент, туку изјавуваме дека целосно се оградуваме од истиот“, велат од националната радиотелевизиска куќа.
Понатаму МРТ се оградува од, како што стои во соопштението, сите шпекулации и изнесени невистини во јавноста за инволвираноста на јавниот сервис во идејното решение и реализција на видео записот и сериозно размислува за отпочнување на постапка за заштита на интересите и интегритетот на јавниот радио дифузен сервис.
„Овие чекори се иницирани за подобро претставување на Македонија пред светската музичка јавност“, додаваат од МРТ.
извор:„Макфакс“