Македонските владици денеска во Калишта на црковно народен собор треба да расправаат дали на името Македонска православна црква ќе биде додадено и Охридска архиепископија.

Името на Македонската црква предизвика интерес и кај медиумите од соседните земји. Најстариот српски дневен весник „Политика“  во вчерашното издание пишува:„Црковните великодостојници имаат на ум МПЦ во иднина да се нарече Македонска православна црква – Охридска архиепископија. На тој начин сметаат дека се дава  целосна потврда на континуитетот на МПЦ која е наследник на Охридската архиепископија. Со ова не се сложуваат најмалку двајца членови на Синодот, пред се влијателниот владик Тимотеј“.

„ Нема потреба од такво нешто. Ние знаеме што е МПЦ, а што Охридската архиепископија. Тоа е едно исто и нема да им правиме ќеиф на Грција или на некој друг“, изјави за А1 телевизија, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј. Во изјавата пак што ја даде за Ohridnews, владиката Тимотеј рече дека на Црковно народниот собор што викендов ќе се одржи на брегот на Охридското Езеро нема да има  расправа за промена на името. „Точно е тоа дека комисија работи на измените на Уставот на МПЦ, но не може да се прејудицира дали тие предлози ќе бидат прифатени од соборот, затоа што за тоа одлучуваат 150 членови“, ни изјави г. Тимотеј. Тој и натаму цврсто останува на својата претходно дадена изјава, дека  претстојниот Собор во Охрид ќе има свечен,  но не и работен карактер. Во Охрид нема да има работна средба на Соборот, туку само свеченост со која ќе се одбележи 50-годишнината од Вториот Црковно-народен собор. Владиката Тимотеј тврди дека соборот нема да се расправа ниту за промена на грбот на МПЦ. „Тоа прашање исто така го разгледува комисија, но и за него ќе се одлучува на работна средба што ќе се одржи подоцна во некоја друга прилика“, ни изјави митрополитот Дебарско-кичевски. Неофицијално за нов симбол на МПЦ во игра се катедралната црква Света Софија и Свети Климентовиот храм, Свети Пантелејмон на Плаошник.

Владиката Тимотеј има поддршка од владиката Агатангел, според кого  правните експерти треба да кажат какви последици може да предизвика преименувањето на МПЦ. Приврзаниците за неменување на името на црквата стравуваат дека  доколку се промени името, може да се случи, во комуникацијата  со останатите цркви, МПЦ да биде именувана само со Охридска архиепископија.

Најавувањето на промената на името го искоментира и расчинетиот владика Јован кој на веб страницата од својата Православна охридска архиепископија пишува дека е добро што македонските владици решиле да го променат името на црквата, со што е прифатена една од одлуките на „Нишкиот договор“, според која, неопходно е да се прифатат и другите, а  црквата и практично да се одвои од државата.

„ МПЦ отсекогаш била под силно влијание на државата и ова (промената на името на МПЦ) не би требало да се толкува како зрелост на расколничките епископи, туку како диктат на државата, преку кој, таа ќе ја провери реакцијата при промена на името на државата“, пишува ополномоштениот српски владика во Македонија, Јован.

Александра Ристоска
Горан Момироски