Охрид и Македонија се изворот на православието и писменоста на словенските народи, истакнаа руските научници кои денеска во Охрид го промовираа специјалното издание на „Православната енциклопедија“ во издание на Руската православна црква.

Во ова исклучително значајно дело ќе бидат опфатени Македонската православна црква, нејзината историја, значајните духовни храмови и светци, како и Охрид и Охридска архиепископија. За нив ќе се пишува под буквите М и О на што заедно ќе работат еминентни научници од Русија и Македонија. 

-Засега планираме 100 статии за Македонија но тој план не е финален и може да се промени. Очекуваме во проектот да се вклучат македонски научни истражувачи и во печатеното и во електронското издание. – рече Сергеј Кравец директор на Православната енциклопедија.

На настанот присуствуваше и специјалниот претставник на претседателот на Русија Путин за меѓународна културна соработка Михаеил Швидкој. Тој оцени дека „Православната енциклопедија“ можеби е најголемиот научен проект во изминатите 50 години не само за Русија туку и за целиот православен свет. Тој не го криеше одушевувањето што енциклопедијата се промовира токму во Охрид, потсетувајќи на неговото значење за православието.

-Ова е местото каде творел Климент кој на целиот православен свет му го подари кириличното писмо. – рече Швидкој.

Според Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и одговорен редактор на „Правосланата енциклопедија“ во Македонија, ова универзално дело има исклучителна научна вредност.

– Сега е завршено пишувањето на буквата К, почнува буквата М каде ќе бидат опфатени многу аспекти од Македонија, а О ќе се однесува на Охрид. Веќе е определена динамимата на истражувањата, на М ќе се посветат 7 месеци, а на О каде спаѓа Охрид и Охридската архиепоископија една година. – истакна ректорот и редактор на енциклопедијата Стојковски.

На промоцијата на „Православната енциклопедија“ присуствуваа членови на синодот на МПЦ и архиепископот Стефан, заменик министерот за култура Драган Недељковиќ, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, научни работници и гости.

Според поглаварот на Македонската православна црква, ова дело е потврда на вековното пријателство помеѓу рускиот и македонскиот народ и е од исклучителна важност за Македонската православна црква.

-Нешто што ќе ја претстави вистината за црквата во Македонија, нејзините корени, животот во овие 20 христијански векови, а секако свое место ќе најде актуелниот живот и статус на МПЦ. – изјави поглаварот на МПЦ Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

„Православната енциклопедија“ е формирана во 1998 година во Русија како научен центар. До сега се издадени 38 од планираните 60 тома од „Православната енциклопедија“, на која работат 100 автори и над 1000 надворешни соработници. 

Г. Момироски