Македонската православна црква останува против промена на името на црквата и државата и бара да не се менува Уставната позиција на македонскиот јазик, да се сочува унитарниот карактер на Македонија и да не се отстапува од македонскиот национален идентитет. Ставовите по овие исклучително чувствителни прашања, МПЦ уште еднаш ги потврди и реафирмира во Резолуцијата која произлезе од јубилејното заседание на највисокото црковно тело, Архиепископскиот црковно – народен Собор, што се одржува викендов во Струга и Охрид.

„Членовите на Црковно – народниот собор воедно упатуваат апел за национално единство и искрен и молитвен повик до сите политички субјекти во земјата за одговорен пристап во овој исклучителен и полн со предизвици период за нашата земја, да се употребат сите сили за зашазување на националниот и духовниот идентитет на македонскиот народ и се што е Македонско“ – истакна Митрополит Тимотеј – портпарол на МПЦ – ОА.

Со Резолуцијата која Соборот ја усвои по пет часовна работа зад затворени врати, се врши измена на повеќе членови на Уставот на црквата, меѓу другото и на името на Мaкедонската православна црква и титулата на поглаварот.

Се дополнуваа чл. 2 од Уставот на Македонската православна црква, кој ќе гласи: „Македонската православна црква – иаториска и правна наследничка на Охридската Архиепископија и на Јустинијана Прима, има достоинство на Архиепископија и се именува Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, а во комуникацијата Македонска православна црква“. Б. Се дополнува чл. 9, став 2 од Уставот на Македонската православна црква, кој ќе гласи: „Титулата на Архипископот е Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и се ословува со Ваше Блаженство.“ – појасни владиката Тимотеј.

Соборот го корегира и член 23 од црковниот Устав со што викарните епископи се исклучуваат од пленарниот состав на Синодот и немаат право на глас. Усвоена е и одлука за поделба на Полошко-кумановска епархија на две засебни: Тетовско–гостиварска и Кумановско-Осоговска православна епархија. Прецизирани се границите на епархиите во земјата и дијаспората, кои со уставните измени добиваат засебен правен статус.

Иако според црковниот Устав Соборот треба да се одржува еднаш годишно, тој не заседавал од 2012 година. Во неговата работа покрај членовите на Синодот, учествуваат и претставници на сите епархии и на верниците, вклучително и од дијаспората.

Соборот на МПЦ која годинава одбележува 60 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, 1000 години од нејзиното формирање, 75 години од Свештенското заседание во охридското село Издеглавје и 1155 години од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, завршува утре со богослужба во катедралниот храм Св. Софија во Охрид, на која ќе се обрати владиката Агатангел.

Г.М.