Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), по силните реакции во јавноста кои уследија после одржувањето на традиционалната литија во Струга, денеска се огласи со соопштение, во кое се наведува дека таа уште од почетокот на појавата на здравствената криза во нашата земја и во светот, па сѐ до денес, се однесува конструктивно и во сите свои официјални соопштенија постојано апелира до верниот народ за почитување и придржување кон препораките кои водат кон сузбивање на пандемијата предизвикана од Ковид-19.
Во сиот изминат близок период, значаен од духовен аспект за православните христијани и за црковното живеење, вклучително и последните празнувања, верниот воцрковен народ, иако чувствувајќи ја насушната потреба од духовна храна, особено во вакви времиња, сепак остана послушен на апелите, сметајќи ги како акт на христијанска пожртвуваност и љубов.
Во овој дух, МПЦ – ОА уште еднаш истакнува дека ги почитува и се придржува, а во таа насока и го повикува верниот народ кон исполнување на официјалните зададени мерки од страна на Владата и здравствените власти за социјална дистанца и носење соодветни заштитни средства. – се вели во соопштението на Светиот синод на МПЦ.
OhridNews