Одредени учебници за кои ќе биде установено дека имаат поголеми грешки може да бидат повлечени, изјави  Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, за ревизијата на учебниците која е во тек, пренесува „Макфакс“.

„Можно е да има учебници што ќе треба да се повлечат, меѓутоа поголемиот дел од учебниците според генералните сознанија што ги имаат од Националната комисија за учебници, ќе може да поминат со определени ситни корекции или допечатување на определени делови каде ќе бидат наведени забелешките за посериозните грешки, или со еден допис до сите училишта во кој ќе бидат наведени определени недоследности и поситни грешки во учебниците,“ рече Тодоров.

Тој најави дека наредната недела заедно со комисиите детално ќе ги „чешлаат“ сите извештаи од ревизијата на учебниците кои за најголем дел од нив се готови.

Почетокот на оваа учебна година беше одбележан со скандалот со учебниците и нивната целосна ревизија од страна на Министерството за образование и наука.

Ревизијата следи по случајното откривање на огромните грешки на учебникот „Општество“ од страна на новинарите што предизвика бура од реакции во јавноста за постапката на правење учебници во земјата, за компетентноста на авторите и рецензентите, и за одговорноста на Министерството за образование во целиот процес.

OhridNews