„Нивото на водата во реката Гигја од ноќеска се зголемило трипати повеќе, предупреди Гунар Сигурдсон од исландскиот метеоролошки институт. Нивото на водата во областа на глечерот Ватнајоекул во источниот дел на Исланд, пораснало од дотекот на вода од леденото езеро во кратерот на вулканот Гримсвоетн.
Езерото и околниот глечер се стопиле поради зголемување на температурата, а водата се прелива преку работ на кратерот, што е знак за можна ерупција. Оваа појава го намалува притисокот во вулканскиот кратер што може да доведе до ерупција, но само ако вулканот под површината насобрал доволно лава.
Слична поплава од езерото Гримсвоетн се случи во 2004 година, а веднаш потоа следеше вулканска ерупција. Вулканолозите тврдат дека е можна ерупција во моментот кога нивото на водата во реката ќе го достигне максимумот, што би можело да се случи за неколку дена. Метеоролошкиот институт во последните 48 часа регистрира силна сеизмичка активност во оваа област, како и три послаби земјотреси од 2,7 до 4 степени од Рихтеровата скала.
извор: Makfaks