Денеска го порибувавме езерото. Во неговите води запливаа илјадници и илјадници мали пастрмки , секоја во своја борба за преживување на синџирот , секоја во своја борба за продолжение , за иднина. Езерото ќе воскликне повторно со радост за своите новите жители, за својата новата надеж.
Во целата оваа приказна за животта , токму малите рипчиња , токму големото езеро и тоа токму во овој период сепак останаа без еден свој Симбол , без еден свој човек , без еден свој голем пријател. Токму деновиве и ние сите кои сме некако врзани за езерото , осамнавме во една голема празнина , во една голема загуба. Еден од Симболите на езерото , еден од Симболите за грижата и посветеноста кон ова наше природно богатство , не остави сега сами и зашеметени да гледаме во езерската шир , да ги гледаме овие мали животи како се распрскуваат низ водените простори исто како што нашите мисли се распрскани и изгубени.
Да зборуваме за езерото,за пастрмката ,за јагулите веројатно сите знаеме . Но , оној што не успеал да го сретне човекот што деновиве ни остави празнина , никогаш нема да дознае што е тоа посветеност , грижа , љубов кон езерото . Јас ете, кој ја имав таа среќа да го гледам и слушам , занемен и воодушевен стоев и ја впивав таа душа , таа енергија , таа чесност што излегуваше од човекот. Не сум сретнал нешто посилно , повнесено , попожртвувано . Кога зборуваше за езерото и рибите чиниш целиот свет се концентрираше тука , меѓу нас. Вечно ќе останат книгите со прецизни факти за секоја една единка пуштена и изловена нешто што и денес со развиена технологија тешко го достигнуваме. Ќе останат сликите за љубовта кон јагулите, оние во теглата онаму во мрестилиштето во Шум, заедно со близнакот ембрион. Ќе останат врежани сцените кога ги храневме малите единки , таа љубов незаменлива, таа радост восхитувачка , таа грижа за секое едно ,како да се дечињата наши , од нашата улица. Такво нешто , таков однос , таков човек ,сега веќе не можам да видам околу себе. Чест ми е лично што го познавав и надвор од фелата. Ретки се луѓето со таква чест, грижа , почитувач на традицијата , на муабетот ,на адетот .Од нив учиме однесување , од нив учиме постоење.
Отсекогаш сум се трудел да бидам опкружен само со луѓе кои носат чест , кои имаат збор , кои имаат посветеност кон доброто. Ама еве , ми бегаат , без поздрав ми бегаат. На сите ни бегаат. А ние неможејќи да ги следиме , сфаќаме кои биле дури кога веќе се заминати . Ни избега ете и Симболот. Но , остана за навек неговата реченица – “Можеби не знам што имам во абдоменот но знам што има во езерото” . Реченица која кажува се и после која нема веќе ни што да се напише ни што да се каже.
Неговата генерација ќе го спомнува и ќе ја следи неговата чест , ние некако на среднина ќе кажуваме и ќе се фалиме дека сме го знаеле а младата , новата генерација ќе слуша за него но ќе биде оштетена што немаше шанса да го запознае него, Димче Тале.
Езерото пак удира и ќе удира со своите бранови. Но, отсега во неговата синевина ќе гледаме со еден дополнителен немир, со една исконска тага …..И ќе пробаме да го осознаеме езерото, да научиме , да видиме што има во него . А , Симболот наш езерски нека почива во мир , ние ќе мораме да продолжиме со нашиот немир .
Со големо поклонение и почит кон Димче и неговото семејство.
Дејан Пановски