„Вера„, „Љубов во сино„, „Прелку Дрим“, „Цветови на природата„, „Невестинско„, „Скутник“, „Ѓомлезе, сач и пирустија“, „Исконска вистина“, „Сонце“ – се дел од насловите на некласичните мозации на охридската авторка Ленче Војнеска чија изложба беше отворена синоќа на малиот плоштад. Војнеска во своето обраќање пред присутните говореше за својот творечки опус, концепцијата на нејзината изложба и за инспирацијата да се занимава со уметност, иако по вокација е дипломиран технолог – инжинер.
– Ова што го гледате се дела кои претставуваат спој меѓу уметноста и органската хемија. Па така се трудам да ги обединам мојот талент и мојата професија , изработувајќи слики. Овие дела не само што го носат во себе печатот на традицијата, но таа е сублимирана во зрното, ‘ ркулецот, стеблото, гранките и плодовите. Оваа заокружена вегетативност ја носи во себе асоцијативноста на човечкото живеење и паѓање, зошто крајот во вечната суштина на спознавањето е само почеток. Во нив може да го почувствувате мирисот на домот, душата на татковината , мирисот на билките, плодовите, тревите, пределите меѓу нас.“ – истакна Војнеска.
Посетителите уживаа во релфјефните дела, колоритни слики со техника на зачувување на пигментот. На присутните особено им се допаднаа мотивите инспирани од нашата историја, градот Охрид, природните убавини на Македонија и културно- историското наследство. Едномислени беа во поглед на самата локација на која беше отворена изложбата, која идеално се совпадна со мотивите на некласичните мозаици.
– Секоја слика има своја приказна. Конкретно најмногу ми се допаѓа сликата Невестинско, затоа што во неа ја гледам буквално целата Галичка свадба со самите бои и начинот на кој е изработена. “
– Воодушевени сме од трпението, креативноста и трудот на авторката. И посакувам да продолжи да твори со вакво темпо и верувам дека нејзините дела и натаму ќе го наоѓаат својот пат до нашите срца. “ – изјавија дел од посетителите.
Ленче Војнеска од мали нозе е понесена кон уметноста, охрабрена и мотивирана од добиените награди во текот на своето школување, посебно од добиената благодарница од страна на Комитетот на хелсиншкиот парламент на граѓаните.
Ивана Чичоска