Голем број охриѓани се револтирани што надлежните не превземаат соодветни мерки против несовесните моторџии.

” Тие буквално се изживуваат со нас и не оставаат без мирен сон, создавајќи преголема бука со своите мотори. Во раните утрински часови, често пати моторџиите се тркаат меѓусебно и прават неподнослива бучава од која буквално не можеме да спиеме“, се жалат граѓаните кои живеат на Бул. Туристичка и улицата Јане Сандански.


Велат дека во повеќе наврати се обратиле и до СВР- Охрид од каде им било кажано дека станува збор за моторно возило како и автомобилите и не може да ги спречат сопствениците да ги возат.

Овој проблем се провлекува години наназад, особено во летниот период кога моторџиите очигледно добиваат инспирација да ги испробаат силите на своите мотори, на сметка на мирниот сон на граѓаните. 

Од СВР- Охрид најавуваат дека наскоро ќе биде одржан состанок на кој ќе биде разгледуван овој проблем, по што се очекува да се превземаат соодветни санкции против несовесните моторџии.

Т. К.