Дивоградба е, легален е, потреба или бизнис интерес, опасен или сигурен, разрушен од брановите или саниран… Сите овие дилеми и состојби го пратат такавиканиот „Мост на желбите“, подарок за Охрид од Велија Рамковски, кој уште од изградбата предизвикува поделби во јавноста.
Општината ја прифати донацијата и ја поздрави, а Капетанијата како орган на Министерството за траснспорт и врски, излезе со став дека се работи за дивоградба. Но институциите никогаш не реагираа.
Поделена е и јавноста. Жителите на Канео секојдневно го користат ова скратено патче од плажата Потпеш. Други пак стравуваат за безбедноста, алудирајќи на надвиснатите карпи и одрони над мостот, на што предупредуваат и надлежните институции. Но, опасност ги демне охриѓани и гостите и низ тесните улички во населбата Канео и Варош. Не така одамна големи камења се струполија во Канео и кај Лапидариумот, за среќа немаше повредени.
Мостовите поврзуваат луѓе, ама кај нас разделуваат. Ако ништо друго за инает. Ама така и се градат. Во недостиг на издржани стручни решенија и соодветна инфраструктура, во крајезерскиот дел на Охрид со децении се импровизира со изградба на монтажни мостови и платформи, кои за едни претставуваат класично узурпирање на езерото, а други пак, го оправдуваат, затоа што душата им била полна кога пијат кафе во некое од култните „кафанчиња“ покрај вода.
Веројатно целиов мубет може да се разводнува во недоглед, зависи низ која призма се сака да се гледаат работите. Но факт е дека некои урбанистички решенија пред кои се замижувало во минатото, подалечно и поблиско, придонесоа за сегашната хаотична состојба на крајбрежјето во срцето на Охрид, но тоа не значи дека денес во 21 век работите и натаму треба да се гледаат парцијално и селективно. Градот и надлежните државни институции конечно мора да покажат сериозна решителност, и да донесат издржано решение во интерес и на бизнисот, угостителите, туризмот…, но пред се во интерес на граѓаните. Ничиј интерес (инает) не смее да биде над општиот, но не смее да се гледа само со едното око.
Во предизборието охриѓани добија ветување за модерно поврзување на населбите во крајезерскиот дел на Охрид, кое искрено се надевам дека ќе се оствари. Се до тогаш импровизираните мостови и други чудни решенија во езерските води од Ј’но до Канео, ќе предизвикуваат реакции и поделби во јавноста, во зависност со кое око гледаме на нештата.
„Зато требит опуљвење“