Мостот на желбите кој го спојува центарот на градот со населбата Канео, каде секојдневно поминуваат голем број туристи и локалните жители, е оштетен од градежни активности за санарирање на бедемот на Долни Сарај, велат концесионерите на плажата „Потпеш“, кои секоја година со сопствени средства го санираат овој премин.
Околу овој мост, изграден од бизнисменот Велија Рамковски, во јавноста се крена многу прашина уште од почеток. Институциите на државата уште тогаш реагираа дека мостот е дивоградба, додека локалната самоуправа ја поздрави неговата изградба оценувајќи дека овој премин е во интерес на развојот на туризмот и дека со секојдневната употреба од страна на гостите и локалните жители, ја оправдува својата функција. Несогласувањата на релација општина-централна власт околу овој мост продолжија и во годините потоа.
Иако оспоруван истиот тој мост го користеа работниците на градежната компанија ангажирана за санирање на културно историските знаменитости од страна на државата, кога настанаа и оштетувања, посочуваат концесионерите.
Преку Мостот на желбите од центарот на Охрид кон плажата Канео во сезона секојдневно поминуваат илјадници туристи и жителите на населната Канео. Минатото лето локалната самоуправа најави негово уривање, за потоа да објави дека тој останува во функција се до изградба на ветената пешачка патека до Канео.
„Во меѓувреме Мостот на желбите ќе се санира со цел да се зголеми безбедноста на минувачите до реализирањето на новиот проект за изградба на пешачка патека. Понатамошната судбина на мостот ќе зависи од идејното решение, што ќе го изработи компанија која што по распишаниот оглас од страна на Министерството за транспорт и врски ќе го добие тендерот за изработка на идејно решение и на основниот проект.“-информираа од локалната самоуправа во септември минатата година.
Подоцна, во ноември истата година, Министерството за транспорт и врски објави Јавен оглас за изработка на проектна документација за изградба на пешачка патека од охридскиот плоштад до црквата „Св.Јован Канео“ и поврзување со патека до плажата Лабино. Проценетата вредност на проектната документација без ДДВ беше проценета на околу 19.000 евра или 1,2 милиони денари.
Инаку Мостот на желбите во моментов е функционален и во секојдневна употреба.
OhridNews