Пред неколку месеци пишувавме за неколкуте места во градот каде преминувањето улица не е едноставна работа, посебно за децата (учениците). Долго време (со право) граѓаните на Горна Влашка Маала и родителите на учениците кои учат во ОУ „Христо Узунов“ бараа на некој начин да се обезбеди полесен премин на улицата „Питу Гули“. Се чинеше дека проблемот е решен кога пред неколку години општината преку донации го изгради ПЕШАЧКИОТ МОСТ. Учениците беа спасени од автомобилите, родителите од грижите. Дали?!


За што служи мостот?!

Фотографииве се од петокот (11. мај), неколку минути пред почетокот на втората смена, односно пред 14.00 часот. Децата комплетно го игнорираа мостот и само претрчуваа преку улицата. На оваа крстосница меѓу „Питу Гули“ и „М. Нестороски“ долги години семафорите беа вон употреба и, иронично, беше подобро бидејќи возачите инстинктивно повеќе внимаваа. Сега ако имаат зелено светло, само поминуваат, нормално.


Наместо безбеден премин – опасно претрчување

Едно време мостот не беше заштитен од атмосферски влијанија, но сега е покриен и осветлен, значи потполно погоден за употреба. За ваквото неодговорно однесување на учениците одговорни се родителите и наставниците. Треба да се донесе одлука за ЗАДОЛЖИТЕЛНО преминување на улицата преку мостот, што е и неговата намена, нели?!

С. Костоски