Граѓанската асоцијација МОСТ, набљудувач во изборниот процес, го промовираше документот „Препораки за реформа на изборниот процес“, подготвен врз база на 13-годишното искуство на МОСТ во набљудување на изборните процеси во Македонија и во странство – како дел од набљудувачки мисии на ОБСЕ/ОДИХР и ЕНЕМО, како и преку градење на капацитетите на граѓанските организации за домашно набљудување на избори. Документот, меѓу другото, нуди и препораки, можни решенија и алтернативи за идентификуваните предизвици и проблеми. Препораките се подготвени имајќи ги предвид меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите.
Да се разгледа можноста за воведување на модел со отворени листи, каде освен за политичкиот субјект ќе може да се гласа и за кандидатите од листата. Да се ревидира системот за гласање во странство, со оглед на нееднаквата можност за остварување на правото на глас и нееднаквоста на гласот во Македонија и во странство и да се суспендира за следните избори, а потоа да се отвори широка дебата за сите негови аспекти, со цел изнаоѓање на најсоодветните решенија, се дел од препораките.
Во документот се препорачува и да се изврши детална теренска проверка на податоците во Избирачкиот список, во согласност со заклучоците на Работната група за проверка на Избирачкиот список. Да се предвиди рок во кој треба да се затворат финансиските сметки за изборната кампања затоа што непостоењето на ваков рок може да создаде проблеми при ревизијата на финансиските извештаи, како и да се преиспита можноста медиумите да даваат донации за политичките партии преку овозможување на попусти во платеното политичко рекламирање, затоа што на овој начин се заобиколува правото на учесниците во изборниот процес на рамномерен пристап во платеното политичко рекламирање. Во Изборниот законик да се регулира како се постапува со изборниот материјал по завршувањето на изборите и референдумите.
Од МОСТ изразуваат надеж дека овој документ ќе ги поттикне и останатите чинители во изборниот процес да ги изнесат своите идеи за реформа во една поширока дебата, како и дека ќе им служи на политичките партии како ресурс во поставувањето на основи за изборен процес со висок степен на доверба.
OhridNews