Во функција на спроведување фер и демократски избори во  Република Македонија, Граѓанската асоцијација МОСТ објави дека ќе го набљудува изборниот процес  и денот на гласањето, 1 јуни 2008. За  ефикасно набљудување на изборниот процес и денот на изборите ќе бидат ангажирани се вкупно 3500 набљудувачи, во сите 6 изборни единици, на целата територија на Република Македонија, информираат од граѓанската асоцијација.

МОСТ ги повикува граѓаните, лично, најдоцна до 16 мај, да се пријават во Регионалната канцеларија на ГА МОСТ, каде за нив ќе биде организирана специјална обука, а потоа ќе бидат распоредени на гласачките места како набљудувачи. Заради сеопфатна оценка за текот на изборите, волонтери на МОСТ ќе ги следат текот на предизборната кампања, работата на изборните органи, предвременото гласање, како и постизборниот период.

Регионалната канцеларија на ГА МОСТ во Охрид се наоѓа кај Градскиот Пазар, во просториите на ЈП Комуналец, на Бул.Туристичка бб.
 
Набљудувач во мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ  може да биде секој граѓанин со право на глас, кој е подготвен непартиски, непристрасно и објективно да го набљудува процесот и да известува за наодите. При селектирањето на набљудувачите предност ќе имаат оние кои во рамките на МОСТ веќе имаат набљудувано избори, соопшти граѓанската асоцијација.

МОСТ досега има набљудувано пет изборни процеси на национално ниво, а членови на организацијата биле дел од голем број меѓународни мисии за мониторинг на избори. При спроведување на своите активности, како партнер на ОДИХР и член на Европската мрежа на организации за набљудување на избори, МОСТ работи според меѓународните стандарди за непристрасно, објективно и навремено известување. Проектот “Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2008“ е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија, Швајцарската агенција за меѓународен развој Амбасадата на Сојузна Република Германија,  Амбасадата на САД, и ОБСЕ Набљудувачката мисија во Скопје.

ohridnews